САД прифатија бели бегалци од Јужна Африка кои наводно биле расно дискриминирани

13.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
САД прифатија бели бегалци од Јужна Африка кои наводно биле расно дискриминирани

Африканери се нарекуваат потомците на холандски доселеници кои живеат во Јужна Африка. Групата замина од Јоханесбург во неделата навечер и во Вашингтон тие беа пречекани од американски официјални лица. Тие ќе добијат  храна и детски намирници, а Католичката епархија на Вирџинија ќе понуди помош при нивното сместување, дознава Ен-пи-ар.

Ова е прва група бегалци прифатена од администрацијата на Трамп.

Семејствата треба да заминат за своите крајни дестинации во Минесота, Невада, Ајдахо и други сојузни држави. Бегалците ќе имаат пристап до бенефиции и можност за американско државјанство и вработување. Многумина од нив се земјоделци.

Овој потег доаѓа по извршната уредба на Трамп од февруари во која се тврди дека белите африканери од Јужна Африка биле дискриминирани.

Трамп ја прекина помошта за оваа земја и повторно ги обвини тамошните власти за насилства врз белците фармери.

-Има убиства и тоа е геноцид, но вие не сакате да известувате за тоа, изјави синоќа тој од Белата куќа.

-САД испраќаат јасна порака, во согласност со надворешнополитичката агенда „Америка на прво место“, дека Америка ќе преземе чекори за заштита на жртвите од расна дискриминација. Ние стоиме зад овие бегалци додека ја градат подобрата иднина за себе и за своите деца во САД, изјави државниот секретар Марко Рубио.

Борците за човекови права го отфрлаат тврдењето на админстрацијата на Трамп дека Јужна Африка врши дискриминација врз овие лица. Од друга страна, во неколку земји од овој континент како Судан или Конго има воени конфликти и се вршат масовни убиства и други злосторства со илјадници раселени лица кои навистина имаат потреба од бегалски статус.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата