Орел ѝ фрлил мачка врз автомобил во движење- полицајците не можеле да поверуваат кога им побарала помош

22.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Орел ѝ фрлил мачка врз автомобил во движење- полицајците не можеле да поверуваат кога им побарала помош

Жената што возела останала во шок кога нешто буквално паднало од небото и го скршило прозорецот од страната на совозачот додека возела по автопатот во близина на Националниот парк Грејт Смоки Маунтинс, објави АП.

Жената се јавила во полиција во средата наутро во паника и им кажала на диспечерите дека белоглав орел ја фрлил мачката и ѝ ја скршил шофершајбната. Потоа рекла дека е во близина на Брајсон Сити.

Не е јасно дали мачката паднала од канџите на орелот или едноставно била фрлена затоа што големата птица немала апетит за неа.

„Можеби не ми верувате, но белоглав орел штотуку фрлил мачка низ мојата шофершајбна. Стаклото е целосно скршено“, рекла жената во повик до полицијата.

Секакви сомнежи за тоа дали воопшто треба да пријави нешто вакво во полицијата исчезнале кога го слушнала полицаецот како мирно одговара: „Добро, навистина ви верувам“, а потоа почнал да се смее.

Само за да биде сигурна дека ја убедила полицијата во тоа што ѝ се случило, жената рекла дека друг возач видел што се случило.

„Рече дека тоа е најлудата работа што ја видел досега“, додаде жената.

Откако ја добила локацијата на автомобилот, диспечерката рекла дека ќе испрати сообраќајна патрола за да поднесе извештај.

Потоа диспечерката ја прашала жената дали мачката е сè уште жива, на што таа тажно одговорила дека не е, додавајќи дека телото на животното е покрај патот, а не во нејзиниот автомобил.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата