Група млади активисти и уметници под менторство на програмата за креативен активизам на Центарот за современи уметности реализираа впечатлива и провокативна уметничка интервенција под наслов „Ограничена Мобилност, со цел да ја подигнат јавната свест за секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со попреченост, постарите граѓани со намалена подвижност, како и младите родители што секојдневно се движат низ градот со детски колички.
Во рамките на оваа креативна акција, стари и нефункционални инвалидски колички беа трансформирани во имагинарни „летечки колички“. Опремени со крилја и пропелери, овие симболични објекти пренесуваат моќна порака: во денешно Скопје, за многумина движењето низ јавниот простор е возможно — само доколку можат да летаат.
И покрај долготрајните јавни дискусии, голем дел од скопските улици, тротоари, институции, трговски центри и јавен превоз сè уште се физички недостапни за лицата кои користат помагала за движење. Симболичната интервенција се одвиваше на повеќе локации низ Скопје (листата на локации ќе биде дополнета), во соработка со локални жители и претставници на лица со ограничена подвижност.
Со оваа акција, како уметници и активисти сакаме да испратиме јасна порака за систематското институционално и инфраструктурно занемарување на лицата со ограничена мобилност, кое исклучува илјадници граѓани од полноправно учество во општествениот, социјалниот, културниот и економскиот живот. Сметаме дека пристапноста не е привилегија — таа е основно човеково право.
„Ограничена подвижност“ претставува креативен протест и јавен повик за итно и суштинско подобрување на пристапната инфраструктура во градот, со цел создавање инклузивна и хумана урбана средина достапна за сите.
Во понеделник ќе биде организирана уште една слична акција а во вторник 24 јуни од 20 часот во Мобилната монтажна галерија ќе биде отворена изложба со наслов Ограничена Мобилност.