Нови правила на популарните европски туристички дестинации: забрани за одење бос, пиење алкохол на улиците

16.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Нови правила на популарните европски туристички дестинации: забрани за одење бос, пиење алкохол на улиците

Летово носи, меѓу другото, и нови правила на популарните европски туристички дестинации. Оваа сезона, на пр. Портофино во Италија и Албуфеира во Португалија воведоа низа забрани за одење бос, пиење алкохол на улиците, јавна голотија, „пикник“ и друго, сѐ тоа со високи казни за прекршителите.

Малото крајбрежно гратче Портофино на италијанската ривиера, познато по луксузните јахти и гламур, одлучи да забрани цела низа однесувања што до неодамна беа вообичаени кај туристите. Отсега, имено, на посетителите веќе нема да им биде дозволено да одат боси, ни само во костим за капење или пак, без кошула, ниту да седат на плоштадот во таква облека. Консумирањето алкохол на јавни места, исто така, е забрането, освен во ресторани, барови и посебни зони, пренесува „Дејли мејл“. Просењето, лежењето или седењето на плочници, ѕидови и во парковите, како и одржувањето излети на јавна површина, исто така, се забранети.

Правилата, потпишани од градоначалникот Матео Вијакава, важат преку целата летна сезона до 30 септември. Прекршителите ќе плаќаат казни во износ од 26 до 510 евра.

Целта на овие мерки, според Општината, е да се зачуваат „мирот и тишината“ во градот, којшто има само 400 жители, но прима до 100.000 туристи во шпицот на сезоната. Ова не е прв обид - минатата година, Портофино забрани запирање заради подолго набљудување на популарни места - за да спречи толпи и несоодветно однесување.

Сличен е случајот и во Албуфеира, позната дестинација за забави на југот од Португалија. Градскиот совет неодамна воведе Кодекс на однесување што вклучува строги забрани за јавна голотија, секс на отворено, прекумерна бучава, јавно уринирање и пиење алкохол на улиците. Мерките беа воведени по низа несакани настани, каков што е минатогодишното вирално видео на осум британски туристи кои танцуваат целосно голи во кафуле во средиштето на Албуфеира сред бел ден. Градоначалникот Хозе Карлос Роло изјави дека правилата имаат за цел „да поттикнува хармонија“ меѓу тамошното население и туристите и „да го поправи оштетениот имиџ“ на градот.

За најсериозните прекршоци - како што е целосно соблекување или сексуален чин на јавно место - казните се движат од 500 до 1.770 евра. За делумна голотија, мокрење на јавно место или оставање количка од супермаркет на несоодветно место, казните се движат од 300 до 1.500 евра.

Европа станува построга кон туристите

Портофино и Албуфеира не се изолирани случаи. И други европски дестинации ги заоструваат своите правила: Говорејќи за Италија, Рим, на пр. го забрани капењето во фонтани; во Венеција, излетите на мостови и кај спомениците се строго забранети, а на островот Капри, на туристите не им е дозволено да носат „бучни“ сандали.

Со сѐ поголемиот број туристи, се зголемува притисок врз околните заедници, па и правилата на однесување на одмор ќе станат построги, а трошоците за нивно непочитување - поскапи.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата