- Оваа година, на акцијата ќе учествуваат над 120 нуркачи од речиси сите нуркачки клубови од Македонија, како и гости од Србија и Хрватска. Главната цел е чистење на подводниот и крајбрежниот дел на Охридското Езеро, како и подигнување на јавната свест за заштита на животната средина, соопштија организаторите.
Со иницијативата, нагласуваат, се придонесува кон зачувување на исклучителната вредност на езерото и неговиот екосистем, како и исполнување на обврските за негова долгорочна заштита.
- Особено значење на оваа акција дава фактот што Охридскиот Регион е под заштита на УНЕСКО како светско природно и културно наследство. Еко акцијата претставува значаен регионален настан кој обединува професионалци и ентузијасти со заедничка мисија – зачувување на природните богатства, додаваат организаторите.
Упатуваат повик до сите професионални нуркачи волонтери кои сакаат да се приклучат на акцијата, како и до општествено одговорни компании да ја поддржат иницијативата и да придонесат кон заштита на животната средина.

