Резултатите беа загрижувачки — електричните мрежи откажаа, се појавија прекини во комуникацијата, GPS-от престана да функционира, а низ целиот свет беа забележани прекини во снабдувањето со струја, пишува „Дејли мејл“.
Во еден од најлошите сценарија на симулацијата, т.н. „соларна супербура“ би довела до „интернет апокалипса“, прекин на електричните мрежи низ САД, со повеќенеделни прекини на струја на источниот брег.
Можеби ќе ве интересира: Доаѓа силна соларна бура, научниците предупредуваат на мрачно сценарио
Покрај тоа, железницата и гасоводите би престанале со работа, што би предизвикало масовни нарушувања во транспортот и пораст на цените на горивото.
Научниците сега бараат сеопфатен национален план за спречување катастрофа од космички размери.
Меѓу предложените мерки се:
• Поставување дополнителни сателити за следење на вселенските временски услови
• Унапредување на системите за собирање податоци во реално време
• Развивање подобри модели за прогноза на соларната активност
• Обезбедување рани предупредувања за јавноста и институциите
Вежбата беше спроведена од тимот „SWORM“ (Space Weather Operations, Research, and Mitigation) во мај 2024 година, заедно со агенции како „NOAA“ и DHS.
Во симулацијата беа проучувани ефектите од масивни ерупции на Сонцето, вклучително и соларни блесоци и коронални исфрлања на маса (CME), кои предизвикаа прекини во работата на сателитите, прекини во снабдување со струја и изложеност на штетно зрачење.
Еден од клучните предизвици е неможноста навреме да се открие ориентацијата на „CME“ – во моментов е можно предвидување на последиците само 30 минути пред ударот врз Земјата, што практично ја онемозможува ефикасната подготовка.
Овие мерки стануваат уште поважни по најсилната соларна бура во последните 20 години, т.н. Ганон бура, која ја погоди Земјата на 10 мај 2024 година, предизвикувајќи миграција на сателити и привремени прекини во напојување и комуникација.
Најновото предупредување од НАСА се однесува на соларен блесок од класа X2.7 на 14 мај 2025 година, кој веќе предизвика прекини на радио сигналите во Европа, Азија и Блискиот Исток, како и намалена стабилност на напојувањето во источните делови на САД.
Северната светлина би можела да биде видлива во повеќе американски сојузни држави, вклучително и Алјаска, Вашингтон, Монтана, Мичиген и други.
Научниците потсетуваат дека Сонцето моментално се наоѓа во активна фаза од својот циклус и дека е можно нови соларни бури да не погодат во наредните денови и недели.