Тим на универзитетот Кембриџ кој ја проучува атмосферата на далечна планета наречена К2-18б откри знаци на молекули кои на земјата ги произведуваат само едноставни организми. Ова е вторпат хемикалии поврзани со живот да се пронајдени во атмосферата на оваа планета, која е два и пол пати поголема од земјата, но е оддалечена седумстотини трилиони километри од нас.
„Потребни се уште податоци за да се потврдат овие наоди и се надеваме дека наскоро ќе добиеме цврсти докази. Ова е најсилниот доказ досега дека веројатно постои живот таму. Мислам дека ќе можеме да го потврдиме тоа во рок од една до две години“, изјави водачот на истражувањето Нику Мадусудан. Научниците откриле дека атмосферата на планетата содржи хемиски потпис на најмалку една од двете молекули кои се поврзани со животот: диметил сулфид и диметил дисулфид. На земјата, овие гасови се произведени од морски фитопланктони и бактерии.
„Проценетата количина на овој гас во атмосферата е илјадници пати поголема од онаа што ја имаме на земјата се претпоставува дека оваа планета е преполна со живот. Од 1990-тите се откриени околу 5.800 егзопланети, планети надвор од нашиот сончев систем. Научниците претпоставуваат дека меѓу нив има и такви кои имаат атмосфера богата со водород и се покриени со течен воден океан, во кој можат да живеат микроорганизми.