Аукциската куќа Кристи објави дека ќе понуди еден од најретките и највредните дијаманти во светот - „Golconda Blue“, син дијамант во облик на солза, тежок 23,24 карати, чија вредност се проценува на меѓу 35 и 50 милиони долари - на аукцијата „Magnificent Jewels“ на 14 Мај во Женева.
Скапоцен камен е вграден во прстен со модерен дизајн потпишан од познатиот златар „JAR“, пишува Форбс.
„Голконда сина“ има богата историја поврзана со индиското благородништво, пренесува Танјуг.
Во 1920-тите го носел Јешвант Рао Холкар, Махараџа од Индоре, кој соработувал со најпознатите европски куќи за накит во тоа време.
Дијамантот бил дел од нараквица нарачана од куќата на „Шомет“, а подоцна бил вграден во раскошниот ѓердан од куќата на „Маубусин“.
Подоцна го купил американскиот златар Хари Винстон.
Ова инаку ќе биде првпат дијамантот „Golconda Blue“ да се појави на јавно наддавање.
И покрај неговата големина, очекуваната цена на синиот дијамант не ја надминува рекордната бројка што ја постигна „Oppenheimer Blue“, син дијамант од 14,62 карати, кој беше продаден за 57,5 милиони долари во 2016 година.
Најголемиот познат син дијамант е 45,52-каратниот „Hope Diamond“, кој сега е дел од колекцијата на Националниот музеј за природна историја во Вашингтон.