По повод „најслаткиот ден во годината“ - 7 јули, Денот на чоколадото, порталот „Ворлд попјулејшн ривју“ објави топ-листа со земјите каде што најмногу се јаде чоколадо. На овој список Луксембург е на прво место, и луѓето во оваа земја јадат просечно 27,1 грама чоколадо на ден. Исланд е втор (со 19,7 гр. дневно). Потоа следуваат Црна Гора (19,6 гр.), Латвија (18,8 гр.), Ирска (16,7 гр.) итн.
Македонските граѓани се малку подолу од врвот и јадат 11,8 грама чоколадо дневно.
Се верува дека какао-овошјето потекнува од Амазонија, иако може да се одгледува и во Средна Африка, Индонезија, Хаваите, Флорида, поточно на потоплите места на Земјата - блиску до Екваторот.
Занимливо, Шпанија ги предводи државите чиишто граѓани јадат помалку од грам чоколадо на ден. Натаму следат и Јужнокорејците, Колумбијците, Иранците, Холанѓаните, Белгијците, Кубанците... На дното на овој список се Бурунди, Нигер, Индија, Мексико и Етиопија, каде што луѓето јадат 0,02 или 0.01 грам чоколадо на ден, според ова истражување.