Миланскиот обвинител Паоло Сторари денеска поднесе барање модната компанија „Валентино Груп“ да биде ставена под судска управа во времетраење од една година поради експлоатација на вработените и загрозување на безбедноста при работа, што судот го прифати.
Судот утврдил дека „Valentino Bags Lab“, која произведува чанти и патни артикли под брендот Valentino, дала производство на подизведувачи – компании во кинеска сопственост во Италија кои ги експлоатирале работниците, според 30-страничната пресуда во увид на Ројтерс.
Судот во Милано оцени дека компанијата е одговорна бидејќи пропуштила соодветно да ги надгледува своите добавувачи со цел да оствари поголем профит.
Обвинителот во барањето навел дека компанијата стекнала „голема економска корист“ од активностите на кинеските претприемачи кои „во голема мера ги експлоатираат своите сонародници“, а безбедноста на тие работници била загрозена поради „отстранување на безбедносни уреди од машините и неправилно складирање на хемиски и запаливи материјали“.
Судиите го прифатија барањето, а одделението за превентивни мерки при Судот во Милано соопшти дека добавувачите на брендот „во целост ги избегнуваат директните даноци“ и „даноците поврзани со трошоци за вработени“, како што се придонеси и осигурување од несреќи, пишува „Телеграф“.
Барањето за судска управа е поднесено по истрагите во седум фабрики управувани од кинески државјани, каде што се утврдени „услови на експлоатација на работниците“.
Судот сега ќе назначи надворешен управник кој ќе провери дали компанијата ги исполнува сите барања на судиите поврзани со воведување на ефикасни механизми за контрола на својот синџир на снабдување.
Valentino во соопштение наведе дека ќе соработува со властите за подобро да разбере што довело до овие мерки, пренесува БизПортал.