Кубанката Јасмин поради љубов се преселила во Македонија, го научила јазикот за 3 месеци: „Кога дојдов, сите ме викаа Касандра“

25.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кубанката Јасмин поради љубов се преселила во Македонија, го научила јазикот за 3 месеци: „Кога дојдов, сите ме викаа Касандра“

На прашањето како воопшто дошло до тоа да се пресели во Македонија, таа имаше интересен одговор и го спомена својот сопруг Македонец.

– Да се потсетам, да не заборавам, поминаа десет години. Се запознавме на Куба, јас сум пејачка и не можев да не одам таму. Да, дојдов во Македонија преку музиката, бев ангажирана за аранжман од три месеци и во тој период се запознав со Ѓорѓи, кој денес ми е сопруг – изјави Јасмин.

Таа објасни дека првично планирала да остане само одреден период овде, иако веднаш ѝ се допаднала Македонија. Сепак, не знаела како ќе ѝ се развие животот бидејќи е уметница и генерално била навикната често да го менува местото на живеење.

– Откако се запознавме, плановите ми се променија, така што до денес – еве, поминаа десет години – тврди таа.

Вели дека сè уште е воодушевена од Македонија, а првиот впечаток ѝ бил тоа што овде сè било различно од Куба. Кога пристигнала, вели, на Куба сè уште немале ниту интернет.

– Кога дојдов овде, прво ми беше интересно колку луѓе знаат шпански. Сите ме викаа Касандра – раскажа таа, а водителите додадоа дека луѓето тука го учат јазикот преку серии, што многу ја воодушевило Јасмин.

– Вие сте многу интелигентни и целата работа беше толку убава – како ја прифаќате туѓата култура. Некако почувствував дека сте лесни за дружење, лесни за комуникација и тоа навистина ме импресионираше – изјави таа.

Јасмин обожава јазици и освен македонски, зборува уште пет јазици: шпански, англиски, португалски и француски. Ѝ се допаднал и македонскиот јазик, па одлучила да го научи за полесно да комуницира и да ја разбираат луѓето.

– Македонскиот ми е омилен јазик. Нема многу курсеви на интернет преку кои можев да учам, па најдов некои текстови за читање и преку разговор и слушање други луѓе го научив македонскиот. Сè си пишував – од „Здраво“ па сè до „Како сте“ – сето тоа сама го учев. И им велев на луѓето околу мене да ми зборуваат на македонски, а не на англиски, па дури и кога не ги разбирав целосно. Ми требаа три месеци да го научам – изјави таа.

На крајот од разговорот, таа ја поздрави публиката на шпански и ги покани луѓето да ја гледаат Канал 5 и утринската програма „Здраво Македонијо“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата