Католичката црква в недела влегува во најактивната седмица од годината со одбројување до Велигден, но папата Франциск останува надвор од очите на јавноста откако преживеа пневмонија, а не е јасно дали и како ќе може да учествува во одбележувањето на најважниот христијански празник, јавија италијанските медиуми.
Лекарите му препишале на 88-годишниот папа Франциск два месеца одмор за да оздраве целосно, што значи дека тој би можел да помине многу, па дури и цела Света недела, кога христијаните ќе се сеќаваат на Исусовите маки, смртта и воскресението, далеку од јавноста.
„Ова секако ќе биде многу поинаква Света недела за папата и католичките верници. Практично молкот на папата...за многумина може да го засили значењето на одредени делови од неделата, рече Ана Роуландс, католички академик од Универзитетот Дурам во Англија.
Папата вообичаено предводи најмалку осум ватикански церемонии за време на Светата недела, што кулминира со Велигденската миса кога десетици илјади луѓе се собираат на плоштадот Свети Петар за да го прослават денот кога веруваат дека Исус воскреснал.
Официјалните лица на Ватикан се уште не се сигурни дали папата Франциск, може да се обиде да се појави накратко или да учествува во некои настани преку видео врска.
Пречесниот Брус Морил, свештеник и академик на американскиот универзитет Вандербилт, рече дека „упорноста и транспарентноста на папата во неговата немоќ носи ново значење“ на празникот.
„Луѓето би можеле да црпат сила и инспирација од поинаков вид поради ограниченото присуство на папата на овогодинешните богослужби на Светата недела, рече тој.
Франциско, папа од 2013 година, се појави само еднаш во јавноста откако беше пуштен од болница на 23 март по 38 дена хоспитализација. Тој ги изненади верниците во Ватикан со краток поздрав на 6 април.