Јапонец невин минал 46 години во затвор: Ќе добие отштета од над 1,3 милиона евра

25.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Јапонец невин минал 46 години во затвор: Ќе добие отштета од над 1,3 милиона евра

Ивао Хакамата во 1968. бил осуден на смрт за убиство на својот шеф, неговата сопруга и нивните две деца што се случило во 1966 година. Окружниот суд во Шизуока, во одлуката издадена вчера, пресуди дека тој има право на компензација, откако на повторното судење лани во септември, пресуди дека Хакамата не е виновен бидејќи полицијата манипулирала со доказите. Имено, според Судот, обвинетиот бил подложен на „нехумани сослушувања со цел да се извлече признание“, што тој подоцна го повлекол.

Поранешниот боксер, кој сега има 89 години, беше ослободен, откако неговата сестра, заедно со други, со десетлетија водеше кампања за негово ослободување. 

Така, за поранешниот осуденик, надоместокот изнесува околу 77 евра за секој ден минат в затвор. Тамошните медиуми јавуваат дека ова е рекордна сума на обештета од овој тип во Јапонија.

Ивао Хакамата, инаку, беше признат и од Гинисовата книга на рекорди како осуденик на смрт кој најдолго минал в затвор, во светската историја.

Тој е петтиот осуденик на смрт на кого му беше одобрено повторно судење во повоената историја на Јапонија. Сите четири претходни случаи, исто така, завршија со ослободителна пресуда. Сепак, адвокатите на Хакамата велат дека со пари не може да се надомести претрпената штета. Годините зад решетки, со постојаната закана од егзекуција, сериозно го оштетиле менталното здравје на Хакамада, велат неговите правни застапници.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата