Ултрадесничарскиот израелски министер за финансии Бецалел Смотрич ја пофали изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Палестинците од Појасот Газа треба да бидат преселени во арапските држави.
По 76 години, во кои мнозинството од населението на Газа беше држено во тешки услови за да се поддржи целта за уништување на Израел, идејата да им се помогне со наоѓање други места каде што би можеле да започнат нов и добар живот е исклучителна, објави Смотрич на хебрејски јазик на Икс.
Според него „политичарите со години изнесуваат неостварливи предлози, како што е создавањето на палестинска држава, што би го загрозило постоењето и безбедноста на Израел“.
- Само нестандардното мислење за нови пристапи може да донесе мир и безбедност, истакна Смотрич и вети дека ќе работи со премиерот Бенјамин Нетанјаху за спроведување на планот на американскиот претседател.
Смотрич во минатото ја поддржуваше идејата за населување на Израелци во Појасот Газа.
Предлогот на Трамп го поздрави и лидерот на ултрадесничарската партија Еврејска сила, Итамар Бен-Гвир, кој минатата недела поднесе оставка од функцијата министер за национална безбедност.
Трамп синоќа изјави дека сака Египет и Јордан да ги примат Палестинците од Појасот Газа.
- Сакам да преземете уште бегалци, бидејќи како што гледам целиот Појас Газа е хаос, вистински хаос. Речиси се е уништено, а луѓето таму умираат. Јас повеќе би сакал да соработувам со некои арапски земји и да изградам сместување на друго место каде што можеби би можеле да живеат во мир, барем еднаш, посочи Трамп, тврдејќи дека за тоа телефонски разговарал со јорданскиот крал Абдулах.
Тој додаде дека за предлогот ќе разговара и со претседателот на Египет, Абдел Фатах ал Сиси, истакнувајќи оти мерката може да биде долгорочна или привремена, додека не се обнови опустошената енклава.
Трамп не даде повеќе детали за предлогот, а темата не беше спомната во официјалниот извештај на Белата куќа.
Хамас соопшти дека ќе се спротивстави на предлогот на Трамп.
- Нашиот палестински народ во Појасот Газа трпеше смрт и уништување 15 месеци без да ја напушти својата земја. Затоа, нема да прифатат никакви понуди или решенија, дури и ако тие се претставени како добри намери под името реконструкција, како што предложи американскиот претседател Трамп. Како што нашите луѓе ги спречија сите планови за раселување и алтернативни татковини изминатите децении, тие исто така ќе спречат такви проекти, изјави членот на политичкото биро на Хамас, Башем Наим.
Повеќето од два милиони жители на Појасот Газа се раселени за време на 15-месечната војна со Израел, во која е уништен голем дел од инфраструктурата. Според претходните процени на Обединети нации, 60 проценти од градбите во Појасот Газа се оштетени или уништени, а обновата може да трае со децении.
Исто така според податоци на ОН, повеќе од два милиона палестински бегалци, од кои мнозинството добија државјанство, живеат во Јордан. Тие се потомци на приближно 750.000 Палестинци кои побегнаа или беа протерани од своите домови во претходните судири со Израел.
За 15-месечната војна илјадници Палестинци побегнаа во Египет, но тие таму немаат статус на бегалци.