Грозданов: Нели е грев да оставите на цедило неподвижни луѓе?

22.05.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Грозданов: Нели е грев да оставите на цедило неподвижни луѓе?

Ако сме инвалиди, и ние сме живи луѓе! Со оваа порака, со трепет, но и горделивост во гласот новинарот, писател и театарски критичар Борче Грозданов пред камерата на Канал 5 започна да ни раскажува за, како што вели неправдата со која се соочуваат луѓето како него и како неговата мајка, оние кои не можат самостојно да се движат или да се грижат за себе и неопходни им се асистенти и негуватели. Тој има асистент, но вели, наместо 80 часа месечно, сега тој смее со него да минува 60, а мајка му која има и деменција веќе десетина дена е оставена без негувател. Грозданов смета дека за да се утврди кој и колку има потреба од личен ацистент не може да се оценува од администрација.

Дојде ли некој да види колку сум јас неспремен или неактивен или неспособен. Тоа се три прашања во едно. Кој е било кој да ми суди колку сум јас способен, освен неврологот, односно медицинските лица.

Грозданов вели дека е глас за стотици луѓе низ Македонија кои се соочуваат со истиот проблем и неговиот став е дека со ваквите постапки и недоволно платениот труд на асистентите и негувателите е да ги демотивира луѓето специјализирани да помагаат. За неговиот асистент и за негувателот кој неодамна се грижел за неговата мајка вели дека пред се се хумани и дека ги чувствува како да му се браќа.

Гревно е, но никој не размислува за тоа. Според мене, најболното е она „штедиме“. Па се прашувам од што штедат, од парите кои некој ги дал да ми ги дадеш, не за мене лично, споменав, се работи за околу 300 луѓе. Не, ама ти не се движиш толку не ти треба тој еден час плус, или не ти треба. Мене ми треба човек 24/7 особено со ситуацијата со мојата дементна мајка. Асистенотот и негувателот ми се како браќа...

Канал 5 се обрати до Министерството за труд и социјала, оттаму тврдат дека посветено работат да обезбедат социјална заштита за сите. За случајот со Грозданов потенцираат дека дека се постапува по неговото барање за преиспитување на одлуката, а за тоа зошто повеќе неговата мајка нема негувател појаснуваат дека на негувателот му истекла лиценцата.

Постапката за обновување на лиценцата не беше завршена навремено, поради недоставување на целокупната потребна документација од страна на давателот на услугата. Министерството во координација со надлежните институции работи на изнаоѓање решение во најкус можен рок.

Ставот на Министерството е дека се почитуваат постапките за одредување на часовите за асистентот.  Појаснуваат дека меѓудругото предвид се зема и медицинска документација, но и дали корисникот има поддршка од членовите на блиското семејство.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата