Хина
Затворањето на Ормуската Теснина поради војната меѓу САД, Израел и Иран го преполови глобалното снабдување со нафта, а авиопревозниците се соочуваат со парадокс кој би можел да ја преобликува индустријата каква што ја познаваме – горивото стана многу скапо, а покачените цени на билетите ја задушуваат побарувачката која би требало да ја спаси.
Цената на млазното гориво во февруари изнесуваше околу 96 долари по барел. До 20 март таа скокна на 197 долари – повеќе од двојно за само еден месец. Дури ни за време на избувнувањето на војната во Украина во 2022 година, млазното гориво не достигна таков врв.
Тој скок директно се претвора во огромни трошоци: полнењето на авион Boeing 737-800, кое на 27 февруари чинеше околу 17.000 долари, една недела подоцна чинеше повеќе од 27.000 долари.
Според Business Insider, дваесетте најголеми авиокомпании изгубија околу 53 милијарди долари од својата пазарна вредност од почетокот на војната.
Пред да почне конфликтот, воздухопловната индустрија предвидуваше рекордни профити од 41 милијарда долари за оваа година. Извршниот директор на United Airlines, Скот Кирби, најави откажување на околу пет отсто од планираните летови во првата фаза.
„Реалноста е таква што цените на млазното гориво се повеќе од удвоени во последните три недели, а не знаеме како сето тоа ќе се развива“, им напиша тој на вработените. Доколку високите цени потраат, годишните трошоци на компанијата ќе пораснат за милијарди долари.
Совршена бура
Ригас Доганис, претседател на „Airline Management Group“, вели дека се плаши дека многу компании нема да можат да ја издржат ситуацијата.
„Авиокомпаниите се соочуваат со егзистенцијален предизвик. Ќе мора да ги намалуваат цените за да ја поттикнат ослабената побарувачка, додека повисоките трошоци за гориво ги туркаат кон зголемување на цените. Совршена бура.“
Аналитичарите на „Deutsche Bank“ одат уште подалеку: „Без краткорочно олеснување, авиокомпаниите ширум светот би можеле да бидат принудени да приземјат илјадници авиони, додека финансиски најслабите превозници би можеле целосно да ги запрат операциите.“
Не е прашање само цената, туку и физичката достапност на горивото. Патрик Пујане, извршен директор на „TotalEnergies“, предупреди дека недостигот веќе се шири од Азија кон Европа: „Кризата почнува навистина да ги погодува купувачите. Сè ќе зависи од тоа колку долго ќе трае овој конфликт. Би можеле да имаме многу, многу драматични последици.“
За европските патници кои планираат летување, пораките се загрижувачки. Кентон Џарвис, извршен директор на „EasyJet“, предупреди: „Сигурен сум дека летаме уште недела-две. Веројатно и три. Дали сум сигурен и за четири недели? Никој не може да ми каже на што можам да сметам, а летото е пред врата.“
Поскапи билети
Аналитичката компанија OAG објави дека глобалните цени на билетите во првите два месеци од 2026 година се веќе за 24 отсто повисоки во споредба со истиот период од претходните години. На популарните туристички рути патниците можат да очекуваат зголемување на цените од 10 до 20 отсто, а најизложени се оние кои купуваат билети непосредно пред летот.
Американскиот претседател Доналд Трамп им порача на земјите кои не сакаат да му се приклучат во борбата против Иран дека „не можат да добијат млазно гориво поради Ормуската Теснина“ и да „одат да набават сопствена нафта“.
Европските одговори се нерамномерни. Многу држави ги намалуваат давачките за гориво или одредуваат фиксни цени во кои преземаат дел од трошокот. ЕУ во моментов ги разгледува општите мерки за енергетската криза, но тие не се дизајнирани посебно за авиокомпаниите.
Европската комисија им сигнализираше на државите членки да се подготват за долготрајни нарушувања на пазарот на енергија и размислува за повторно воведување на алатките од 2022 година, како што се ограничување на цените на енергијата или намалување на даноците. Енергетскиот комесар Дан Јоргенсен отиде чекор подалеку со контроверзниот предлог Европјаните помалку да патуваат и поретко да летаат за да се заштеди гориво.
Воздухопловната индустрија ги преживеа нафтените кризи од 1970-тите, колапсот по 11 септември и пандемиското запирање во 2020 година. Секој пат успеваше да се приспособи.
Оваа криза се разликува по својот размер и сложеност: рутите се блокирани, горивото е оскудно, а сметките веќе пристигнуваат.
За европскиот турист кој планира да оди на летување со авион, пораката е јасна – билетите ќе бидат поскапи, летови ќе има помалку, а крајот на неизвесноста е далеку.

