Компанија со седиште во Виена одгледува црни „војнички муви“ (Stratiomyidae / Стратиомиидае), за потоа да ги користи заедно со остатоците од производството на храна за луѓе и животни коишто се пренаменуваат во ѓубриво и повторно - во сточна храна, според Катарина Унгер - сопственичка на „Ливин фармс“. При тој процес, илјадници инсекти ги положуваат своите јајца во кафез во фармата во виенската Општина Симеринг.
- Произведуваме млади ларви од црни војнички муви, коишто ги пакуваме и им ги испраќаме на нашите клиенти за да можат да ги гојат во сопствените објекти, па подоцна да ги користат како храна за животни. Ларвите се хранат со отпад од прехранбената индустрија. Тие го јадат, го преработуваат во висококвалитетни протеини и масти, а остатокот од процесот е ѓубриво што може да се користи во земјоделството, појасни Унгер.
Годишно во Виена се произведуваат пет милијарди ларви. Концептот, имено, е таков што производите од инсектите можат да се користат во одгледувањето свињи, живина или риба, но и како ѓубриво за растенија.
- Во мигов имаме шест проекти за изградба на постројки ширум Европа, а тие би преработувале 100.000 тони отпад годишно во протеини, масти и ѓубрива од инсекти. Нашата цел е да изградиме 50 постројки низ Европа до 2030 година и со тоа да преработиме еден милион тони отпад, рече Унгер.
Таа ја добила идејата за одгледување инсекти во Хонг Конг. Таму, вели, има многу малку простор и мора да се произведува многу на мала површина - и сега и во иднина. Затоа, се истакнува, целта е да се произведуваат протеини со најмалку можни еколошки последици.

