ЕК ја тужи Шпанија за дискриминаторски третман на нерезидентните даночни обврзници

12.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕК ја тужи Шпанија за дискриминаторски третман на нерезидентните даночни обврзници

Европската комисија денеска донесе одлука да поднесе тужба против Шпанија пред Судот на правдата на Европската Унија, поради прекршување на правилата за слободно движење на капиталот од член 63 од Договорот за функционирање на ЕУ, со тоа што применува „дискриминаторски даночен третман кон нерезидентните даночни обврзници“.  

Според Комисијата, шпанското законодавство им овозможува на жителите на Шпанија да го одложат плаќањето на данокот на капитална добивка до една година или да го отплаќаат на рати, што не им е овозможено на даночните обврзници нерезиденти. 

ЕК уште во декември 2021 година го покрена ова прашање пред шпанските власти, по што следеше неколкукратна размена на мислења и објаснувања во кои Шпанија остана на ставот дека нејзиното даночно законодавство е во согласност со легислативата на ЕУ. Сепак, Комисијата смета дека напорите на Мадрид не се доволни и реши да ја тужи Шпанија пред Судот во Луксембург. 

- Со воспоставувањето пооптоварена даночна структура за нерезидентните, шпанскиот даночен закон создава неоправдана бариера за прекуграничните трансакции, што е спротивно на целта на Европската Унија за промоција на слободното движење на капитал во рамки на нејзиниот внатрешен пазар, посочува Европската комисија. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата