Делчевскиот Мото клуб „Ендуро Тим“ со прва хуманитарна акција за празниците

6.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Делчевскиот Мото клуб „Ендуро Тим“ со прва хуманитарна акција за празниците

Акцијата беше реализирана во Црквенец кај делчевското село Ветрен во домот на шестчлено семејство, а донацијата се состоеше од облека, храна, производи за домаќинството и училишен прибор.

Претседателот на клубот Виктор Стојановски истакна дека е горд што и оваа година се реализира оваа хуманитарна активност, која, како што вели, не е само традиција, туку и обврска што ја носат од година во година.

- Целта е да покажеме дека и малите дела можат да донесат големи промени. Сè што е потребно е да бидеме присутни во домовите и кај семејствата каде што помошта навистина е потребна. Ги охрабруваме сите да ни се придружат. Оваа година почнавме порано, а во текот на следниве два месеци планираме да реализираме уште неколку хуманитарни акции, за да покажеме дека Делчево е град на хумани луѓе, рече Стојановски.

Од клубот додаваат дека силата на една заедница се мери според подготвеноста да бидеме тука едни за други. Токму затоа ги повикуваат сите сограѓани – секој кој може и сака да даде свој придонес.

- Да покажеме дека Делчево е град на добри дела и големи срца. Да создадеме празници исполнети со топлина, човечност и надеж, порачуваат од Здружението.

Активноста се реализира во соработка со невладини организации, кои им даваат насоки на делчевските моторџии околу тоа кои семејства имаат најголема потреба од донации.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата