Бундесбанката загубила околу 19,2 милијарди евра (20,1 милијарди долари) во 2024 година, соопшти централната банка денеска и предупреди на можни дополнителни загуби годинава, иако големината на какви било загуби се очекува да биде помала.
- Веројатно е поминат врвот на годишните оптоварувања, изјави претседателот на Бундесбанката Јоаким Нагел на презентацијата во Франкфурт.
Нагел веќе предвиде слаби години кога го презентираше билансот на состојба пред една година, и предупреди дека централната банка нема да придонесува во приходите на владата: „Не очекуваме дека ќе можеме да распределуваме профит некое време“.
Германското Министерство за финансии со години рутински буџетираше за профит на Бундесбанк од околу 2,5 милијарди евра, иако тоа се промени во изминатите неколку години во услови на инфлација и флуктуирачки каматни стапки, пренесе ДПА.
Нагел рече дека Бундесбанк има намера да ги надомести загубите со идните профити во наредните години.
Во финансиската 2023 година, Бундесбанката за малку избегна да регистрира загуба, но само затоа што беше во можност да се врати на резервациите вредни милијарди евра, а трошоците за брзиот пресврт на каматните стапки речиси ги потрошија баферите.
Влегувајќи во 2024 година, Бундесбанк имаше само 700 милиони евра резерви за да ги ублажи загубите.
Почнувајќи од 2022 година, Европската централна банка (ЕЦБ) брзо ги зголеми каматните стапки во еврозоната со цел да ја контролира високата инфлација. Инфлацијата сега е далеку од рекордните нивоа, поради што ЕЦБ повторно ги намали клучните каматни стапки во еврозоната.