Белгија: Поштарот во борбата против осаменост и депресија кај старите лица

14.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Белгија: Поштарот во борбата против осаменост и депресија кај старите лица

Овој социјален проблем се засилува и нагласува за време на специфични појави и контексти, каква што беше корона-пандемијата итн. Но, Белгија токму тогаш најде малку необичен, но делотворен начин за проверка на повозрасните лица којшто сѐ уште е во сила.

Станува збор за програмата „Биклоуз“ ('bclose' - 'биди блиску'), иницирана од државната поштенска служба во Белгија - „Бпост“ (bpost). Тие, имено, го препознале потенцијалот на нивните вработени кои секојдневно одат од врата на врата ширум земјата. Затоа, им била доделена општествено корисна улога - за време на испораката по пошта, поштарите ги посетуваат постарите корисници кои се пријавиле за програмата и им поставуваат низа прашања за нивното здравје, расположение, чувства, потреби. Но, поштарите прво минуваат низ обука за тоа.

Потоа, поштарот ќе може да ги проверува и да снима податоци за состојбата на тие корисници. Доколку се забележат знаци на осаменост, депресија или други проблеми, веднаш ги известуваат социјалните служби, коишто потоа им пружаат помош на оние лица на кои таа им е потребна.

Иницијативата се покажа како исклучително успешна. Предноста на овој концепт е раното откривање на проблемите кај повозраните граѓани, а поштарите кои секојдневно се во контакт со нив можат навреме да ги препознаат предупредувачките знаци.

Занимливо е и тоа што и други европски држави почнаа да го следат примерот на Белгија. Тука спаѓаат: Франција, Финска итн.

Накусо: Повозрасните луѓе честопати и губат комуникација и контакт со своите семејства и пријатели, па поштарот помага да се надмине таа осаменост. За мнозина, поштарот е единствената личност со која имаат контакт. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата