Борис Трајанов, Скопски солисти... на голем концерт во Владимирово. Општина Берово се посрамоти

27. 04. 2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Борис Трајанов, Скопски солисти... на голем концерт во Владимирово. Општина Берово се посрамоти

Вчера во Владимирово се славеше културата и почитта кон корените, но и оставината за идните генерации.

Старата сала на Задружниот дом во срцето на Владимирово, во само 70 дена, беше возобновена со здружени сили на селаните и сите што потекнуваат од Владимирово. Во чест диригентот со светска слава којшто Македонија ја славеше низ светот, а потекнува од Владимирово - маестро Чавдарски (1930 Владимирово - 2011 Бризбејн, Австралија) салата го доби името Ванчо Чавдарски.

За нејзиното свечено отворање беше организиран концерт на камерниот оркестар Скопски солисти, под водство на виртуозот на обоа проф. Васил Атанасов, со специјален гостин баритонот Борис Трајанов, што за првпат се случува во Малешевијата.

Пред бројната публиката беа изведени дела од европски и македонски композитори, под диригентската палка на Ангел Спировски.

За делото на Чавдарски говореше проф. Васил Атанасав кој си спомена за долгогодишното пријателствување со Чавдарски, меѓу што и последната средба во Сеул, Кореа, ког маестро Чавдарски пропатувал 1000 километри од Австралија до Сеул само за да присуствува на неговиот концерт. Атанасов говореше и за богатиот животопис на Чавдарски и неговите заслуги за воздигнување на македонската култура и музичката уметност, а за неговото значење за историјата и иднината на Владомирово и неговото возобновување зборуваа и Горан Алачки во име на истоимениот центар за култура кој се јави како организатор на концертот, и Камелија Левенска во име на Фондација д-р Михаил Левенска.

На настанот присуствуваа и видни личности, коишто понесоа длабок впечаток за приказната - за генезата на настанот, за почитта, гордоста и љубовта, коишто заедно со емоциите од доживеано и виденото доведоа до овации и долги аплаузи... 

Се вели дека апчаузите по концертите на Чавдарски во концертните сали ширум светот траеле и до 10 минути.

Успешната приказна можеше воопшто и да не се случи...

Кога настан со учество на оперскиот великан Борис Трајанов, Камерниот оркестар на скопските солисти на чело со професор Васил Атанасов, диригентот Ангел Спировски и други врвни уметници и вљубеници во Македонија и македонската музика и култура останува игнориран од највисоките локални власти, тоа не е случајност. Тоа е срам. Тоа е лична и колективна локална морална катастрофа.

Локалната власт на Берово со својот молк ни порача едно: дека не ја чувствува својата општина, не ги чувствува своите луѓе. Заборавија дека функцијата обврзува – на љубов, на присутност, на служба и почит кон оние кои ти ја дале довербата. И поради тоа ми се наметнува едно болно прашање: како дојдовме до таму што вакви и слични персони ги устоличуваме на места кои треба да бидат двигатели на заедницата? Како дозволивме да бираме функционери кои ја губат суштината на служењето уште од првиот ден по изборите?

Одговорот е тежок, но јасен: тоа е резултат на секој наш молк, на секоја прифатена неправда, на секоја изговорена флоскула ‘сите се исти’ и ‘ништо не се менува’, на она што ни е наметнато. Тоа е резултат на секое рамо слегнато во апатија, на секој пат што го изгубивме кога не стоевме за правдата, кога не го поддржавме она што е вистински важно.

А токму на вакви настани, токму на вакви обиди за воскреснување на духот, на настан што обединува луѓе од цела Македонија, настан што носи нова енергија во напуштените простори, се гледа кој е човек, а кој само функција.

Кога првиот човек на општината не може да препознае вакво случување во неговиот двор, тоа е знак дека таа функција одамна е саможивна, бирократизирана и отуѓена од сѐ.

Но во секој случај, Владимирово одржа сериозна лекција што мора да остане запаметена: дека културата и љубовта кон татковината не молат за дозвола. Тие се создаваат.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата