Средната класа во Германија се намалила во изминатите 12 години, а дел од неа се преселила и во повисоките и во пониските класи, е заклучокот од студијата објавена денеска од Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен.
Процентот на населението што припаѓа на германската средна класа беше 65 отсто во 2007 година, а во 2019 година падна на 63 отсто.
„Овој пад е очигледно релативно умерен, но е значаен во споредба со другите европски земји. Во 2007 година, германската средна класа сè уште беше 9-та по големина во Европа, но до 2019 година падна на 14-то место“, рече истражувачот на IFO, Флоријан Дорн.
Средната класа во Германија е оптоварена со многу даноци и придонеси, па дополнителната работа и повисоките перформанси не се исплатат премногу.
„Луѓето со средни примања тешко го поднесуваат економскиот товар“, вели директорот на Центарот за макроекономија и истражување IFO, Андреас Пајл.
Повеќе од 80 отсто од Германците се класифицираат како средна класа, но статистички гледано, таа категорија припаѓа на 63 отсто од населението, што е околу 26,1 милиони домаќинства во Германија.
За нивните пресметки, авторите користат критериуми на ОЕЦД, кои ја дефинираат средната класа како оние чија заработка е помеѓу 75 и 200 проценти од просечниот приход.
За самци, ова одговара на нето расположлив приход помеѓу 17.475 и 46.600 евра во 2019 година, а за парови без деца опсегот е помеѓу 26.212 и 69.900 евра годишно.
Паровите со две деца статистички припаѓаат на средната класа доколку имаат приходи меѓу 36.698 и 97.860 евра.