Седумте сестри

Нафтата владее: Од Рокфелер до ИСИС

30.05.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Нафтата владее: Од Рокфелер до ИСИС

Милиони луѓе, особено од земјите кои не се богати, посакуваат решение во еден миг, за се одеднаш – еден ден и кај нив да биде пронајдена нафта, да живет и уживаат како богатите во Катар, Кувајт, Саудиска Арабија…

Не посакувај пребрзо, желбите можат и да ти се остварат – вели поговорката.

Во далечната 1927 година, во ирачкиот град Киркук, земјата се отворила и од неа еруптирала нафта во количества кои дотогаш не се видени. Ерупцијата, на лице место, убила петмина. Пандорината кутија е отворена.

Тука ќе направиме рез, и накусо ќе се префрлиме на други места.

Во 1863 година тогаш младиот Џон Д. Рокфелер, на возраст од дваесет и четири години, го напушта бизнисот со прехрамбени производи и семејството на Морис Кларк, хемичаротот Ендрјус и Џон Д. Рокфелер во Кливленд (САД) осниваат рафинерија за нафта. Потребата за нафта за железницата и индустријата е се поголема, а се бара и замена за скапото китово масло кое се користело за осветлување.

Две годони подоцна Џон Д. Рокфелер ќе ја откупи компанијата од браќата Кларк за тогашни 75.000 долари.

До 1867 Џон Д. Рокфелер и Ендрјус ќе отворат уште една рафинерија во Кливленд, и ќе имаат најголема рафинерија за нафта во светот, во тоа време.

Братот Френк Рокфелер бил на фронтот. Тоа е време на американската граѓанска војна (1861-1865) а Џон Д. Рокфелер е еден од богатите индустријалци и трговци од северот на САД кои плаќаат пари за потреби на Унијата, за владината војска која се бори против Конфедерацијата на југот, за неговиот брат да биде ослободен од воените обврски.

Нафтата, парите и политиката стануваат судбина на Џон Д. Роклефелер. А тој станува судбина за милиони жртви на неговите амбиции, нафтата, политиката и парите.

Рокфелер со партнерите во 1870-та година ја оснива Стандард Оил, гради блиски врски со политичари и банкари во матниот, поствоен амбиент на САД. Склучува тајни договори и гради монопол со компаниите за превоз на нафта, и наредните пет години ја притиска конкуренцијата при што од 26 конкурентски нафтни компании во Кливленд, Џон Д. Рокфелер купува 22, со што содава и контролира монопол во нафтната индустрија.

До крајот на 1874 година Рокфелер влегува во војна со железничката компанија и гради нафтоводи наместо да користи железнички превоз. Организира штрајкови во железницата и стечај за конкуренцијата со ниски цени и промоција на 300 производи од нафта за кои има авторски права. На крај, ги купува правата на железницата за превоз на нафта и градење нафтоводи, и веќе во 1875 година Џон Д. Рокфелер има под контрола 90 проценти од нафтната индустрија во САД.

Стандард оил станува извикана фирма, симбол за биснис насилство и политички манипулации, па во 1911 година Рокфелер формира 34 компании од основната фирма Стандард оил, која потоа го менува името во Екссон.

Во тоа време Џон Д. Рокфелер станува прв милијардер во историјата.

Втор лик, битен за оваа приказна, е Винстон Черчил.

Тој е син на британскиот политичар, војводата од Молсбороу Лорд Рудолф и американката Џени Џероум. Роден е 1874 во Вудсток. Во политиката влегува млад, уште пред Првата светска војна бил офицер и војувал во Судан и Индија, а бил и министер за трговија, како и министер за внатрешни работи.

Во 1921 и 1922 година Винстон Черчил е министер за британските колонии, а од 1911 до 1929 ги водел финансиите во владата на премиерот Стенли Болдвин, моќна финансиска и политичка функција во битно време за оваа приказна.

По оставката на Невил Чембрлен во мај 1940 година Винстон Черчил е избран за премиер на британската влада, и ќе ја задржи таа функција се до крајот на Втората светска војна водејќи ја Велика Британија до голема победа. Но, и покрај победата, тој и неговата Конзервативна партија по војната ги загубиле изборите од Лабуристите.

Се во кариерата на Винстон Черчил е контраверзно и проблематично. Неколку пати ја менувал политичката страна и партија, бил на власт или во парламентот и со Лабуристите, и со нивните противници – Конзервативците.

За време на Првата светска војна бил Прв лорд на Адмиралитетот, од каде е сменет по големиот британски пораз на Галиполе. Кога бил британски министер за финансиии донел одлука за златна гаранција на британската фунта стерлинг што предизвикало голема монетарна криза во Британија, но и пошироко. При генералниот штрајк во Британија, во 1926 година, Черчил побарал да се пука во демонстрантите бидејќи ја загрозувале државата.

По поразот на Конзервативната партија на изборите во 1921 година Черчил се дистанцирал од партијата силно противејќи се на давање автономни права на Индија. Оваа негова страст кон црвста рака и заштита на британката колонијална империја како владетел на светот е константа во неговите гледања и ставови во политиката. Со денешен речник кажано, Черчил бил застапник и војник на Новиот светски поредок.

Исто како и Џон Д. Рокфелер.

За приказната во овој дел да биде целосна, треба да се спомне и Хенри Детердинг.

Тој не е богат и итар како Џон Д. Рокфелер, ниту ја има политичката страст кон глобални процеси, империјализам и Нов светски поредок како Винстон Черчил. Тој е Наполеон на нафтниот бизнис. Да, токму тоа е неговиот прекар и титула.

Хенри Вилхелм Детеринг е носител на висок британски орден (Most Excellent Order of the British Empire) од витешки ред основан од кралот Џорџ Петти. Орденот се дава на лица кои имале особени заслуги за развојот и силата на Британската империја. Носител на орденот е и Винстон Черчил, страствен борец за Империјата.

Детеринг бил претседател на холандската кралска нафтна компанија Ројал Дач, (подоцна од 1907 година проширена со компанијата Шел) од 1900-1936 година. Открива нафта на Суматра, а во 1911 од Ротшилд ги купува нафтните наоѓалишта во Азарбејџан, и во тоа време Ројал Дач Шел е главен конкурент на ширењето и моќта на Ексон (Стандард Оил) и Џон Д. Рокфелер.

Во периодот по Првата светска војна Детеринг бил еден од најсилните поддржувачи на англиско-холандската соработка но, во 1936 оди на друга политичка страна и станува приврзаник на нацистите и Хитлер. Набргу починал во Сент Мориц, Швајцарија.

На 28 август 1928 година, во шкотскиот замок Акникари, се случила средба на тројца моќни луѓе: Американецот Волтер Игл, претставник на Рокфелер и компанијата Ексон(Стандард Оил); Англичанецот Сер Џон Кедман, директор на идниот Бритиш петролеум во кој влегол државен капитал по иницијатива на Винстон Черчил; третиот е Хенри Детеринг.

Тука е договорен планот за владеење со светот преку контрола на нафтниот бизнис. Договорено е трите компании да не конкурираат една на друга, туку да се здружат, да поделат зони на интерес и владеење и создадат картелски монопол над светските наоѓалишта, транспорт и продажба на нафта, и да изградат систем во кој државите и нивните војски ќе им овозможат пристап и менаџирање за поголем ефект.

Овој состанок бил таен, а деталите се дознале дури триесет години подоцна.

Кон овие три компании ќе се придружат и неколку други: Тексако, Гулф, Шеврон и Мобил и заедно со Ексон, Шел и Бритиш петролеум со децении во историјата ќе бидат запаметени како – Седумте сестри. Најмоќна бизнис асоцијација во светот.

Состанокот бил тајна за официјаланите власти, но не и за поддржувачите на овој план. Британија, кога Черчил е министер, преминува од јаглен на нафта за погон на своите бродови и севкупните воени и државни машини. Нафтата станува потребна повеќе од било кога дотогаш. Господарите на нафтата стануваат партнери на државите и контролори на политиката, а државните апарати нивни инструменти за плановите.

По Првата светска војна Блискиот исток, место со најбогати наоѓалишта на нафта во светот, бил поделен помеѓу Франција и Британија, што создало гнев кај САД и нивните нафтни компании. Десет години потоа, Рокфелер го менува тој план, а лидерството го преземаат Америка, компнијата Ексон (Стандард оил) и Џон Д. Рокфелер.

Трите компании: Ексон, Ројал дач Шел и Бритиш петеролеум отвораат нова страна во историјата – владеење на бизнисот над владите и државите. А најважниот бизнис и за време на мир, а особено за време на војни, бил и се уште е – бинзиот со нафта.

За почеток, Седумте сестри потпишале договори за концесија на експлоатација на нафта во денешен Иран, Египет, Ирак и Саудиска арабија. Владееле и се однесувале во тие држави според британски и француски закони, се однесувале според нивните а не локални стандарди и култура, имале власт над големи територии и вредности од нафтата кои многукратно надминувале буџети на државите. Гаранти на нивните права биле војските и владите на Франција, Британија и САД.

Седумте сестри формирале свои држави во државите на Блискиот исток.

Откако Рокфелер го урнал планот на Франција и Британија за превласт на Блискиот исток со договорот од Сан Ремо, од 1936 година Саудиска Арабија ги дава концесиите на САД. Рокфeлер покажал дека тој може нешто што ни државата САД не можела.

Саудиска Арабија, а по неа Кувајт и Катар, оттогаш па се до денес ќе останат главни политички сојузници на САД во контрола над Блискиот исток и северна Африка, не само кога е во прашање експлоатацијата на нафта и гас, туку и за организација на државни удари, политички притисоци и контрола на државните институции во Алжир, Тунис, Мароко, Либија, Египет, Ирак, Иран, Сирија и Судан.

Со профитот кој Седумте сестри го остваруваат од евтината експлоатација на нафта се отвораат нови наоѓалишта, а делот од профитот кој го добиваат Саудиска Арабија, Катар и Кувајт се троши за купување американско оружје и плаќање обука на воените сили на тие држави кои, потоа, како поддршка на американската политика се појавуваат во воените судири во Либија, Ирак, Иран и Египет.

Накусо, државата САД ги поддржува Ексон и другите американски нафтни компании да добијат, често и под присила, концесии за експлоатација на нафта и гас во таквите држави, а потоа нафташите го преземеаат управувањето со економскиот и политички живот во земјите каде што работат, со што кругот на колонизација на Блискиот исток и северна Африка се затвара.

Употребата на државни ресурси: војска, администрација, банкарска логистика и медиуми за потреби на профит на приватни фирми, во случајов нафтните компании од САД, е длабока корупција на американскиот државен систем за приватни цели. Нафташите не остануваат должни, ниту пак препуштаат работите да се одвиваат случајно.

Во управните одбори на големите американски нафтни компании влегуваат лица од врвот на американската политика: претседателите на САД како Ричард Никсон, Џорџ Буш постариот, неговиот син Џорџ Буш… а особено е важна личната поддршка на претседателот Френклин Д. Рузвелт за контрола над Саудиска Арабија веднаш по Втората светска војна. На платните списоци на Ексон, Тексако, Шеврон, Мобил и другите нафтни компании од САД се и секретари (министри) во врвот на американската власт како Дик Чејни, Кондолиза Рајс, Роберт Гејтс, Џо Бајден...

Семејството на Осама Бин Ладен над една деценија е во управните одбори на нафтните компании заедно со поранешниот американски претседател Џорџ Бушпостариот, и тоа во време кога американската војска се бори против Осама Бин Ладенво Авганистан. Моќта, нафтата, и профитот од неа ги надминуваат сите етички, морални па и законски граници.

Со децении, по договорот во шкотскиот замок Акникари, речиси ниту една власт во САД не можела да смета на избор ако не гарантирала поддршка на интересите на американските нафтни компании.

Изјавата на Осама Бин Ладен, објавена во септември 2009 година, во која тој ги објаснува своите мотиви за нападот на кулите близначки во Њујорк на 11 септември 2001 година, ја потврдува вмешаноста на американскиот нафтен бизнис во политичките одлуки на американската влада.

Во обраќањето до американската јавност Осама Бин Ладен вели дека војните во Авганистан и Ирак се производ на интересите на компаниите, а не на американската држава и граѓаните. Тој наведува имиња на двајцата американски претседатели, Бушпостариот (Џорџ Буш) и помладиот (Џорџ В. Буш) како експоненти на таа политика.

– Претседателот Обама нема сила да се спротистави на нивните интереси, зборува Осама Бин Ладен, и приморан е во својата влада да ги задржи претставниците на нафтните компании како министерот за одбана Роберт Гејтс и многумина други од претходната власт на Џорџ Буш. Белата куќа е окупирана од интересни групи, заклучува Осама Бин Ладен во своето обраќање.

Ова е изјава на човек кој предводи, во тоа време, најмоќна терористичка група во светот, и можеби неговите ставови се субјективни но, фактите потврдуваат дека тој е прилично упатен во случувањата.

Осама Бин Ладен потекнува од богато семејство од Саудиска Арабија, тој е син на шеикот Бин Ладен кој уште од седумдесеттите години соработува со Џорџ Буш постариот, а потоа и со неговиот син Џорџ В. Буш помладиот, двајцата претседатели на САД кои биле на власт вкупно дванаесет години. Постариот Џорџ Буш со мандат од 1989 до 1993, а помладиот Џорџ В. Буш од 2001 до 2009 година. И двајцата, во своите мандати, извршиле воен напад врз Ирак со помош на Кувајт и Саудиска Арабија, и оствариле преземање на изворите на нафта за потреби, и во полза, на американски нафтни компании.

Ден пред нападот на Бизнис центарот во Њујорк, според извештај на Вашингтон пост, на 10 септември 2001 година во хотелот Риц Карлтон во Њујорк се сретнале шефовите на инвеститорската компанија Карлајл груп. Во одборот на иста маса седнале поранешниот американски претседател Џорџ Буш (постариот) и Шафик бин Ладен, брат на Осама. Ова се денови кога претседателот Џорџ В. Буш е во војна со Осама бин Ладен.

Карлајл груп е приватен инвеститорски фонд кој е основан со поддршка на американските претседатели Роналд Реган и Џорџ Буш постариот, а во фондот кој се занимава со експлоатација на нафта се вклучени богатите семејства од Саудиска Арабија меѓу кои и семејството на шеикот Бин Ладен.

Соработката на Џорџ Буш со семeјството на Осама Бин Ладен е документирана и во извештаи на ЦИА и американскиот Конгрес, а објавени во Волстрит журнал и Њујорк тајмс.

Во тие извештаи се наведува дека Џорџ В. Буш земал пари од шеикот Бин Ладен преку својот пријател Џејмс Бат кои семејството Буш ги инвестирало во свој бизнис. Постапката одела преку Bank Commerce Credit International (BCCI). Преку шеикот Бин Ладен компаниите на Џорџ Буш, кои се занимавале со експлоатација и промет со нафта, влегле во бизнис и со шеикот Калид бин Мафуз од Саудиска Арабија, еден од најбогатите луѓе во светот со кој семјството Буш соработувале повеќе од десет години.

Постариот Џорџ Буш во тие критични години, кога неговиот син добивал пари и развивал бизниси со шеиците од Саудиска Арабија бил директор на ЦИА од 1976 до 1977 година, и давал логистика на таа соработка.

Таткото Џорџ Буш и синот Џорџ В. Буш за време на своите мандати политиката на САД ја усмериле согласно сопствените бизнис интерси – кон нафтата и Блискиот исток, трошејќи големи и скапи државни ресурси за остварување на своите бизнис цели.

Тој фокус САД го платија скапо. Додека тие се фокусирале на нафтата и сопствените бизниси пред нивни очи, од втор план, се случувал силен економски и политички раст на Кина и будење на Русија како нова светска велесила, процеси на кои семејството Буш и Америка не обрнале потребно внимание.

Системот кој бил поставен во 1928 година, на тајниот состанок во шкотскиот замок Акникари, а потоа надградуван за време на мандатот на американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт (1933-1945) со тесна соработка помеѓу владите на САД, Франција и Британија и нафтните компании од картелот Седумте сестри, ги урнал сите граници на етиката, моралот и националните интереси со цел да се создаде профит од нафтата кој го делеле нафтните компании и лица од државните врвови на наведените земји.

Се работи за големи пари. Само компанијата Шел (британско-холандска сопственост) во 2012 година остварила профит од 484 милијарди долари, што е износ кој одговара на годишниот буџет на богатата Норвешка, или десет пати повеќе од рускиот Газпром. До средината на деведесттите профитите на компаниите од картелот Седумте сестри биле и поголеми од ова.

Системот имал едноставна релација: државата на свој трошок и со сите насилни инструменти создава услови за преземање на изворите на нафта на Блискиот исток и во северна Африка, а потоа нафтните компании настапуваат добивајќи концесии за експлоатација на нафта од наметнатите влади.

Властите на Блискиот исток кои соработуваат со Седумте сестри се поддржувани од владите во САД, Британија и Франција, а оние кои се спротиставуваат насилно се менуваат со друга, кооперативна власт. Овој систем ескалира особено по Втората светска војна, со опаѓањето на политичката, воена и економска моќ на Британија и Франција, кога се случува доминација на САД во поделбата на интересите.

Тоа е архитектурата на Новиот светски поредок.

Настаните кои претходат на опишаната соработка на семејството Буш со богатите арапски шеици, меѓу кои и шеикот Бин Ладен, ја објаснуваат и докажуваат природата на таквиот Нов светски поредок. Уривање држави за потреби на Седумте сестри.

Нафтата, уште од почетокот на минатиот век, била фактор од кој зависат сите економии во светот. Кој има контрола врз неа одлучува кој ќе јаде, а кој ќе остане гладен.

Американците тоа го разбрале повеќе од другите. Бидејќи Првата и Втората светска војна ја опустошиле силната Европа и моќните држави во неа, САД остануваат еднинствена глобална сила во светот која немала никакви последици од тие големи војни врз сопствената територија и економија, и тоа создало услови за кус рок од само неколку децении САД да добијат економска и политичка превласт над некогаш моќните Германија, Франција или Велика Британија.

Клуч за економскиот и политички раст на САД била армијата и – нафтата. Елитата на американската политика е составена од три сегменти: политичари, нафтни магнати и банкари. Сите три сегменти се хранат од иситиот извор, од нафтата и воената сила.

Ментор на картелот Седумте сестри, и преку контрола врз нафтата наметнување американски интереси над сите други, покрај Џон Д. Рокфелер, бил американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт.

Токму заради таа визија Рузвелт, веќе тешко болен и при крај на животот, побарал итна средба со Абделазиз Ибн Сауд, кралот на Саудиска Арабија. Таа средба се случила на 14 февруари 1945 година, кога претседателот Рузвелт се враќал од историската конференција на Јалта каде со Черчил и Сталин го поделиле светот на свои интересни зони. На тој состанок е обновен договорот помеѓу САД и Саудиска Арабија од 1936 година со кој Саудиска Арабија дава концесија за експлоатација на нафта на американските компании. Договорот е обновен на збор, без ништо да биде потпишано. Основен услов на саудискиот крал бил да добие злато и целосна воена и политичка поддршка од САД.

Саудуискиот крал бил и заложник и должник на САД и Британија.

Ибн Сауд бил поставен на власт од страна на Велика Британија и Вашингтон. За време на Првата светска војна британските тајни служби уфрлиле свои шпиони и соработници во Саудиска Арабија кои предизвикале востание против турските (отоманските) власти. Британските шпиони Хенри Џон Филби и полковникот Томас Едвард Лоренс, потоа од Холивуд лажно опеан како славна личност под името Лоренс од Арабија, биле главни странски организатори на тоа востание кое завршило со создавање на денешната држава Саудиска Арабија, и власт за Абделазиз Ибн Сауд од 1926 година која му ја обезбедиле САД со помош на Рокфелер.

Во 1936, при првиот договор на Судиска Арабија и Абделазиз Ибн Сауд со Вашингтон, за експлоатација на саудиската нафта основан е конзорциумот Арамко во кој влегле американските нафтни компании Ексон, Шеврон, Мобил и Тексако.

Договорот е на сила и денес. Нафта за Американците, заштита за Саудијците.

Овој модел на создавање своја власт на Блискиот исток за потреби на нафтните компании и Седумте сестри, почнат од Саудиска Арабија, ќе продолжи се до денес.

По смртта на Рузвелт, само два месеци по средбата со Абделазиз Ибн Сауд со кој се обновил договорот за експлоатација нафта, на власт во САД доаѓа Хари Труман кој ја продолжува заштитата на Седумте сестри на Блискиот исток. Но, во 1953 година за претседател на САД е избран републиканецот Двајт Ајзенхауер. Остварил една од најубедливите победи на претседателските избори, и имал силен авторитет во јавноста.

Ајзенхауер бил син на германски доселеници, офицер кој себе се промовирал како остар антикомунист во што нашол соработка со сенаторот Џозеф Маккарти и шефот на ФБИ Едгар ХуверАјзенхауер ја афирмирал и подигал моќта на ЦИА за потреби на американската надворешна политика. Во тоа време ФБИ била под власт на Едгар Хуверкој се наоѓал на чело на организацијата уште од 1935 година, и важел за човек кој има досие за секого, а со тоа и моќ да опстане без оглед на промените во власта.

Во 1952 година, за време на мандатот на претседателот Хари ТруманЕдгар Хувер и ФБИ изнеле тајни документи пред Врховниот суд со кои се докажувал криминал и злоупотреба на Седумте сестри. Но, Труман влегол во последна година од мандатот и не сакал ризик, а Ајзенхауер потоа случајот го затворил за сите времиња.

Тоа се бурни години за Седумте сестри. Во 1951 година во Техеран, Иран, за прв пат, се организирала масовна побуна против Бритиш петрол, пред се предизвикана заради малите плати на работниците и големите профити кои Седумте сестри ги остварувале за себе не оставајќи видливи бенефити од нафтата за иранската држава и граѓаните.

Протестот се претворил во востание предводено од пратеникот доктор Мохамед Мосадех. Востаниците имале само едно барање – национализација на нафтата која од 1913 година била под британска сопственост. Работите излегле од контрола, востаниците ја парализирале државата, и во мај 1951 година иранскиот проамерикански шах Мохамед Реза Пахлави морал да го именува Мохамед Мосадехза премиер. Парламентот, наредниот ден, изгласал национализација на иранската нафта.

Британската морнарица, како одговор, ги блокирала иранските пристаништа со што било оневозможено Иран самостојно да извезува нафта. Кон ова следело и ембарго од страна на западните држави и препорака до било која трета земја во светот да не купува нафта од Иран. Иран ја преземал нафатата, но никој не смеел да ја купува од Иран.

Владата на Мосадех немала приходи од нафтата кои функционално би ја одржувале државата и власта. За Седумте сестри, како и за САД и Британија овој пресврт кој се случил во Иран бил сериозна опасност, пример по кој можат да тргнат и останатите држави од Блискиот исток. Иранската револуција морала да пропадне, решиле во Лондон и Вашингтон.

Во тоа време во Британија на власт, со втор мандат, премиер бил Винстон Черчил кој побарал помош од САД. ЦИА организирала план за државен удар, под коден назив Ајакс, а операцијата ја водел Кермит Рузвелт. Војската извршила државен удар при што се убиени 5.000 противници. Премиерот Мосадех е упасен, осуден на смртна казна а потоа протеран од Иран. На власт се враќа монархот Мохамед Реза Пахлави.

Бритиш Петролеум и Седумте сестри ја добиваат назад контролата врз иранската нафта. Но, бидејќи Вашингтон и ЦИА ја завршиле работата, Британците морале поголем дел од бизнисот со иранска нафта да отстапат на компании од САД.

Иранската револуција и денационализација била задушена но, амбиентот на Блискиот исток почнува да се менува. Се појавуваат нови сили, на други места и во други држави, кои се подготвени да се спротистават на колонијализацијата и власта која не одговара пред своите граѓани, туку пред сопствениците на нафтните компании.

Во 1956 година на нозе се дига Египет.

Суецкиот канал кој го поврзува Медитеранот, Средоземното море со Црвеното море околу Саудиска Арабија а понатму и кон Тихиот океан, се наоѓа на египетска територија но бил (повторно, како и Ирак) под власт и концесија на Британија и Франција. Заработката од контролата на Суецкиот канал оди кај странците, а малиот дел кој останувал во Египет со децении се делел меѓу корумпираната власт, или се купувало оружје од Британија и САД.

Во јули 1956 година египетскиот претседател Гамал Абдел Насер најавил национализација на Суецкиот канал.

Суецкиот канал е граден со француски и египетски пари, и пуштен е во употреба од 1869 година. Но, во 1882 година Велика Британија добива целосна контрола над каналот.

Поучени од примерот со Иран, концесионерите не губеле време и не барале помош од САД кој би им ги земал правата како надомест за решавање на ситуацијата со Каиро. Војските, авионите и морнарицата на Британија и Франција со помош на соседниот Израел, со кодно име акција Мускетар, веднаш го нападнале Египет отварајќи фронт на 29 октомври 1956 година од израелска страна под команда на израелскиот генерал Моше Дајан. На 31 октомври во нападите се вклучуваат Франција и Британија, и почнува бомбардирање на најголемото египетско пристаниште Порт Саид и внатрешноста на Египет.

Војската на Египет била брзо поразена но, воениот пораз не значел и крај на битката. Претседателот Насер натоварил големи бродови и танкери со цемент и ги потпил во Суецкиот канал со што го блокирал патот и неговото користење. По системот, ако не може да биде наш, нема да биде ни ваш.

Во таа безизлезна ситуација, и при опасност Суецкиот канал да биде уништен и онеспособен на подолг период што би била голема економска и финансиска штета за трговијата на развиените европски држави и САД, Вашингтон се вмешува во случајот и успева да издејствува повлекување на британската и француска војска на 22 декември 1956, додека Израел се повлекол потоа, во март 1957 година.

Насер ја добива војната. Суецкиот канал е под египетска контрола. Оваа победа Насерго издига до врвен арапски авторитет во тоа време, и го буди арапскиот национализам и во другите држави. Како последица на ова следи обединување на Египет и Сирија во 1958 година, под име Обединета Арапска република. Овој проект нема да трае долго. По воениот удар во Сирија во 1961 година се разбива Обединетата Арапска република и сојузот на Египет со Сирија.

Но, за Седумте сестри оваа победа на Насер и привременото затворање на Суецкиот канал има друга сметка. Затворањето на главниот трговски пат на Блискиот исток ја подигнало цената на нафтата на најголемо дотогашно ниво, а со тоа и нивните профити од нафтата. Во тој период Седумте сестри, при висока цена нафтата, воведуваат супертанкери за пренос на нафта на големи далечини во сопствена организација, што значи со мали трошоци и поголем профит во однос на претходниот период.

Супертанекерите се нивни монопол кој им гарантира доминација и поголем профит за наредните две децении, се до следната голема нафтна криза во 1973 година.

Доаѓаме каде што ја почнавме оваа приказна. Во Ирак. Место на кое крвта и нафтата се мешаат и ден денес, и не се знае што е од ова поскапо за другото да биде поефтино.

Ирак е стратешка точка за Седумте сестри. Во време кога нафташите имаат двајца свои претседатели, таткото Џорџ Буш а потоа и синот Џорџ В. Буш, што друго може да се очекува освен претседателите нафташи од Тексас да ја дигнат и употребат целата американска војска за интерс и профит – за себе и нафташите околу себе. Така се случуваат двете големи воени инвазии на Вашингтон врз Ирак.

Како почнува инвазијата на Ирак по наредба на таткото Буш (војна со Ирак во 1991) и синот Буш (војна со Ирак во 2003 година). И двајцата своите војни за нафта во Ирак ги понуваат во третата година од мандатот. Тоа не им е единствен континуитет, Дик Чејникај постариот Буш бил секретар за одбрана, а кај помладиот бил потпретседател.

Од 1979 на власт во Ирак е Садам Хусен, по државниот удар кој неговата БААС партија го извршила во 1968 година. Веќе наредната година тој почнува војна со американскиот сојузник Иран. Војната ќе трае долги осум години, со 1,5 милиони жртви, и ќе заврши без победник.

Во времето на Садам Хусеин ирачката нафта ја експлоатираат Бритиш петролеум и британско-холандскста компанија Ројал дач Шел. Американците се во соседството, во Иран, Кувајт и Саудиска Арабија. Ирак не е под нивна контрола.

По кризата со Суецкиот канал, и високите цени на нафтата кои се случиле притоа, во 1959 година Бритиш Петролеум и Шел решиле да ја намалат цената на нафтата за 9 проценти, удирајќи со тоа врз интересите на американските нафташи. Ова ќе отвори судир внатре, во Седумте сестри, со што ќе се заострат намерите на американските компании за преземање на контролата врз целиот Блиски исток, и потиснување на Британците и Французите од териториите со кои владееле уште од почетокот на векот.

Во септември 1960 се состанале претставниците на државите под американска нафтна контрола: Венецуела, Иран, Саудиска Арабија и Кувајт, а кон нив и Ирак кој бил домаќин на средбата. Договорено е формирање на ОПЕК, сојуз на држави кои се извознички на нафта. Целта била да се договори заедничка, фиксна цена на нафтата.

Но, спроведувањето на целта одело тешко, пред се заради големата моќ и влијание на картелот Седумте сестри врз државните власти и политиката во тие земји.

Во 1972 година кога Садам Хусеин ја повторува револуцијата видена претходно во Иран, решава Ирак да ја национализира нафтата, и после педесет години ирачката држава да биде сопственик и владетел на своите нафтни наоѓалишта. Садам Хусеинпокажал поголема политичка мудрост отоколку Мохамед Мосадех во Иран.

За да се заштити себе и државата од американски и британски напади или организирање државен удар, склучува економско-политички сојуз со Советскиот сојуз, и продолжува понатаму под заштита на Москва. Како компензација за Франција Садам Хуесин купува оружје од Французите и ветува нова соработка за нив под нови услови.

Соочени со загубата на Ирак Седумте сестри и САД отвараат криза на Блискиот исток која битно ќе влијае на ново прераспоредување на силите во полза на САД, а на штета на Франција и Британија, и нова цена на нафтата, највисока дотогаш.

На 6 октомври 1973 година на еврејскиот празник Јом кипур, кој таа година се погодил во ист ден со муслиманскиот месец Рамазан – Сирија и Египет извршиле воен напад врз Израел. Советскиот сојуз силно ги поддржувал Египет и Сирија, а САД воено и политички застанале зад Израел. Војната била куса, траела до 25 октомври, но била жестока, со многу жртви и промени на успехот на двете страни.

Финално, иако војната завршила без победник, добитник од војната бил Израел кој по договорот во Кемп Дејвид (САД) од 1978 година добил признавање на државноста од Египет, прво признавање на Израел од муслиманска држава, а Египет почнува дистанцирање од Москва. Но тука се разбудиле етничките и верски интереси над политиката и нафата, се случило и обединување на поголемиот дел арапски држави и народи, заедно со ОПЕК, против САД кој давал поддршка на Израел.

Седумте сестри, повторно, ја искористиле оваа криза на свој начин. Цената на нафтата која, пред оваа војна, била тогашни 3 долари за барел се искачила наредните месеци на 12 долари за барел, и битно влијаела врз светската економија. Уште повеќе влијаела на рекордно зголемување на профитот на Седумте сестри, а ја зацврстила и позицијата на организацијата ОПЕК која во тоа време ја поддржувала повисоки цени на нафтата.

Кога можело тогаш, зошто не би можело повторно. Во 1979 година се случува нова блискоисточна војна, овојпат помеѓу Ирак и Иран, и во таа прилика цената на сировата арапска нафта се искачила на дури 32 долари за барел.

Но, ваквите стратегии на ОПЕК и САД, со предизвикување војни без победник и качување на цената на нафтата до неиздржливи рамки, неочекувано за нив, предизвикало низа процеси во светската економија кои оделе на штета на Седумте сестри.

Се отвориле процеси на барање алтернативни извори на енергија, еколошки и термоефикасни градби, нови наоѓалишта во Северното море и Сибир… по револуциите се менувала и структурата на ОПЕК, со што нафташите од САД добиле конкуренција по национализација на нафтните наоѓалишта во Алжир, Ирак, Иран и Либија… ОПЕК во тоа време држел под контрола над 60 проценти од арапското производство на нафта. Влијанието на Седумте сестри било загрозено.

Видно било дека речиси секоја арапска држава, паралелно со национализацијата на нафтата и одземањето на правата на нафтните компании од САД, Британија и Франција политички се приближувала кон Советскиот сојуз, следејќи ја успешната постапка на Ирак и Садам Хусеин. Ова за Вашингтон отворило нов предизвик, влез на комунистите на Блискиот исток, и го намалило фокусот од Седумте сестри кои, заедно со нивните интереси, полека паѓале во втор план на американските државни и воени интереси.

Седумте сестри, нафтни компании кои во 1928 година формирале нов светски поредок кој подоцна создал воена и економска доминација на САД, се претвориле во проблем за американската држава. Дали да се штити нивниот профит и со нивната доминација да се очекуваат нови револуции, или да се запира влезот на Москва и комунистите на Блискиот исток.

Дилемата била тешка за Вашингтон, и имала променливи ставови. Во тие години, крајот на шеесеттите и седумдесеттите, моќта и интересите на Седумте сестри биле доведени во прашање. Иран, Ирак, Египет, Либија… ја користеле диктатурата на Седумте сестриза револуции кои, потоа, станале тежок политички проблем за властите во Вашингтон кои се соочиле во интензивен руски влез на Блискиот исток.

Таа дилема: дали властите во САД да стојат без задршка зад интересите на нафташите иСедумте сестри и нивните корумпирани арапски лидери по што се создаваат револуции и руски влез на Блискиот исток, ќе трае пет децении, заклучно со денешните денови. До државниот удар во Либија и јавното признание на американскиот претседател Обама од април 2016 година – дека соборавањето на Гадафи во Либија (2011 година) била клучна грешка на современата американска политика на Блискиот исток.

А Либија е современ сведок на нафтното стампедо кое урива се пред себе.

Францускиот геолог Конрад Килијан уште во 1920-тите утврдил големи потенцијали за експлоатација на нафта во либиските пустини. Бил во право. Нафтата била во Либија, и единствениот кој ги имал мапите на нафтните базени под пустината бил геологот Килијан. Британските разузнавачи долго се обидувале да ги добијат мапите но, Французинот Килијан сметал дека правата на мапите и нафтата треба да ги има Франција.

Во 1950 година Конрад Килијан е најден обесен во хотелот Вила Тереза во Гренобл. Обесен за квака од врата. Франција ја испуштила можноста.

Во 1955 година низ пустините во Либија почнала експлоатација на сирова нафта која, во тоа време, била прогласена за најквалитетна во светот. Во тоа време, по иницијатива на Велика Британија, крал на Либија бил Идриз Ел Сануси.

Во 1959 година низ Либија се формира ланец наоѓалишта на нафта кои се под контрола на компании од САД, пред се компанијта Ессо, а либиската влада и држава под контрола на Вашингтон. Веќе по три години Либија произведува над 3 милиони барели сирова нафта дневно (околу 500.000 тони нафта на ден).

Според тогашниот договор на американските нафтни компании и либискиот крал Ел Сануси, државата Либија добивала само 12 центи за барел.

На 1 септември 1969 година, додека кралот Идриз Ел Сануси бил надвор од Либија група офицери на либиската армија врши државен удар, а полковникот Моамер Ел Гадафи прогласува Република Либија. Кралот Идриз ја загубил власта и бил протеран во Египет. Првата политичка порака на Гадафи била дека Британија не е веќе власт во Либија.

Власт е полковникот Гадафи, дипломец на воените школи во Велика Британија.

Веќе наредната година Гадафи ја национализира либиската нафта, и ја подига цената за триесет проценти. Седумте сестри ова го доживуваат како објава на војна. Гадафи ова го сфатил сериозно, со парите од нафата не само што ја градел либиската република, туку финансирал и низа ослободителни движења на Блискиот исток, пред се во Палестина. Со цел да создадае силна политичка и економска заштита од американската политика на постојани војни и преврати за власт над нафтата, Гадафи иницирал сојуз на арапски држави со Тунис, Алжир, Сирија и со неговиот пријател, претседателот на Египет Гамал Абдел Насер кој, исто како и Гадафи, бил полковник кој со државен удар го симнал од власт египетскиот крал Фарук Втори, и владеел во Египет од 1956 до 1970 година.

Мисијата на Гадафи била северноафрикански сојуз по примерот на денес позната Европска унија. Не успеал во тоа.

Војната за нафта, со Гадафи, станува политичка војна на многу фронтови. Како одговор – САД во 1982 година воведува ембарго на купување либиска нафта.

Војната за нафта носела профит за Седумте сестри, но преку нив и американска контрола врз Блискиот исток и светската економија во секој поглед. Гадафи не е единствениот кој се противел на тој процес.

Организација на производители на нафта ОПЕК имала сложен состав и структура, врз некои членки на ОПЕК Вашингтон се уште имал контрола но, по револуциите, врз други – не. Државите членки на ОПЕК кои ја национализирале нафтата, и имале блиски односи со Москва, во тоа време барале повисоки цени, што директно било штета врз економските интереси на САД и Европа кои биле најголеми потрошувачи на нафтата кои тукушто излегувале од скапата нафтна криза во 1973.

Еден од главните сојузиници на Седумте сестри, противници на зголемување на цените на нафтата бил шеикот Заки Јамани, саудиски министер за нафта во тој период. На 21 декември 1975 година шест вооружени напаѓачи влегуваат во седиштето на ОПЕК во Виена, при овој напад заробени се единаесет министри од земјите членки на ОПЕК, а намерата била да се убие саудискиот министер за нафта, шеикот Заки Јамани.

Групата напаѓачи ја предводел Илич Рамирез Санчез од Венецуела, во светот на тероризмот познат како славниот Карлос. Бил близок соработник на Москва.

Заробените министри, меѓу кои и шеикот Јамани, се ослободени. Многу години подоцна, откако е уапсен, Карлос изјавил дека акцијата ја организирал Гадафи.

Моамер Ел Гадафи бил политички најактивен во борбата против империјализмот на Седумте сестри. Свој политички сојузник наоѓал во Советскиот сојуз, како и во многу ослободителни национални движења но, и во терористички групи кои делувале и нанесувале штета на неговите непријатели.

Позицијата во сопствената држава му била силна бидејќи со парите од нафата, која чини близу 60 проценти од бруто домашниот производ, успеал да изгради социјално најразвиена и организирана држава на Блисккиот исток со стабилна економија, а во муслиманскиот свет важел за идол на многу државници, ослободителни движења и политички лидери.

САД и Британија со децении го сметале Гадафи за свој најголем и најсилен политички непријател во арапскиот и муслимански свет. Но, непријателството има своја цена, особено кога пријателството треба да се купи – со нафта.

По распадот на Советскиот сојуз Гадафи губи сојузник и мора да се снаоѓа сам.

Заслуга за прекин на непријателството, и трансформација на Гадафи и Либија во пријател на САД има нафташкото семејство на американските претседатели Буш.Нивниот интерес да се врати влијанието на американските нафтни компании во Либија бил и личен и политички, па во мај 2006 година САД ги обновува дипломатските односи со Либија.

Но, по заминувањето на кланот Буш од врвот на американската политика, работите во и кон Либија се менуваат. Настапува американскиот план за арапски јасмин револуции и создавање нови власти во Алжир, Либија, Египет, Сирија… без силни лидери, и создавање на исламски радикални движења под контрола на Вашингтон како одговор кон Москва и Пекинг за нивните инвестиции и зголемено влијание на Блискиот исток.

Во февруари 2011 година во источниот дел на Либија, околу градот Бенгази, ќе избијат вооружени судири помеѓу исламистите и либиските полициски сили. Во октомври таа година Моамер Ел Гадафи е заробен од бунтовниците во соработка со британски специјални сили и припадници на катарската елитна војска, и убиен.

Мирот и просперитетот на државите кои ја национализирале нафатата, го сопреле империјализмот на Седумте сестри, и обезбедиле развој на своите држави, е завршен.

По уривањето на властите низ јасмин револуциите од арапската пролет, главна политичка сила на Блискиот исток стануваат исламските радикали од ИСИС. Голема муслиманска терористичка организација која ја контролира власта и нафтата во Либија, Сирија, Ирак…

Седумте сестри, групата која го смени светот по тајната средба во шкотскиот замок Акникари, е заменета со нови сили за поддршка на политичките и економски интереси на САД и Британија, за контрола на нафтата на Блискиот исток… заменета е со ИСИС.

Некогашните седум моќни компании, Седумте сестриЕкссон, Мобил, Шеврон, Гулф, Тексако, Бритиш петролеум и Шел немаат сила и моќ за задачите на новото време. Ја губат битката со новите владетели над нафтените полиња, новите седум сестри: Арамко(Саудиска Арабија), НИОК (Иран), Газпром (Русија), ЦНПЦ (Кина), ПДВСА (Венецуела), Петробрас (Бразил) и Петроназ (Малезија).

Американските компании, придружувани од британските и француски сестри во клубот, скоро две децении не се веќе лидери на пазарот. Ја немаат моќта да бидат булдожерот на политичките интереси на Лондон и Вашингтон, да бидат владетели на Блискиот исток преку кои политиката на САД и Британија го контролира светот. Во таа игра, новите Седум сестри покажаа повеќе успех.

Но, Блискиот исток останува сцената на која продолжува играта за превласт. За нафта. Само што сега играта каква што ја знаеме речиси еден век – се растура. Ја растураат со формирањето на ИСИС, по што досегашните правила престануваат да важат, и се воспоставуваат нови. Новите правила во 2016 година ги кренаа тензиите до највисоко ниво и најавуваа нова голема војна во Сирија, во која би учествувале дваесеттина држави. Меѓу нив се САД, Британија, Русија, Кина… заедно со Турција, Иран, Сирија, Ирак, Саудиска Арабија, Израел… но, сметките на Вашингтон се покажаа погрешни. ИСИС во 2018 е пред пораз, Русија во сиот тој метеж успеа да влезе во Сирија, да го донесе ИСИС пред уништување и, патем, да изгради јадро на нови и силни сојузници на Москва како Турција, Иран, Ирак и Сирија. Векот на Седумте сестри се гасне, заедно со гаснењето на воената доминација на САД на Блискиот исток.

Приказната за наметнување војна помеѓу Шиитите и Сунитите за да се менаџираат тие судири додека се експлоатира нафтата, која Франција и Британија ја проектираа во мај 1916 година со договорот Сајкс-Пикот заради поделба на владеењето со Блискиот исток – е повторно на маса.

Падот на Седумте сестри предизвика земјотрес. Кои ќе бидат последиците?

(Д.П. Латас)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата