Не можете да си дозволите да заминете од овој свет, да верувате дека културата ви била блиска, а особено ако уметноста ве привлекувала... а да не ја знаете приказната за Кандински. Василиј Кандински, основачот на модерното, апстрактно сликарство.
Василиј Кандински (Москва, 1866 - Неји, Париз 1944) е сликар од светот на Пикасо, иако ќе чуете дека, сепак, бил помалку талентиран од него. Но, за разлика од Пикасо, Кандински не е само сликар. Тој е и филозоф, естетичар. А по професија... во младоста студирал и работел во правните и во економските науки. И тоа го правел успешно. По допломирањето тој, од 1892 година, предава на Московскиот правен факултет. За човек кој живеел 78 години, а со сликарство почнал дури во триесеттата, Кандински е повеќе од голем и успешен сликар. Тој е револуција во уметноста на сликарите.
Тој не е само автор на слики кои се паметат, возбудуваат и поттикнуваат... како многумина други големи автори. Не. Тој е повеќе од тоа. Неговото име и акција не се поврзуваат само со дела, туку и со процеси кои ги менувале уметноста и погледот на светот.
Во Њујорк, до 10 февруари 2014 година беше отворена изложба од приватната колекција на козметичката империја Естер Лаудер. Ретроспектива на дела од Василиј Кандински: Од Плавиот (синиот) јавач, до Баухаус 1910 -1925.
Тоа се дел од процесите во кои учествува Кандински. Тоа се повеќе од слики.
Кому, освен на сликарството, му припаѓа Василиј Кандински.
Според своето раѓање и потекло, Кандински е руски сликар. Роден е во Москва, во богато семејство на руски трговец, но уште како ученик се сели во Одеса по разводот на родителите. Како млад посетувал школо за сликање, но и часови по музика за што покажувал и интерес, и успех - свирел виолончело. Во Одеса, од семејството на неговиот татко, ги добива првите длабоки впечатоци за руската култура и традиција, митовите и бајките кои остануваат негов сликарски, но и филозофски лајт мотив.
Откако се вратил во Москва студира и дипломира право, по што станува и предавач на тамошниот Правен факултет. Се дотогаш во неговиот живот укажувало на дека тоа, правото и економските науки на универзитетот, ќе бидат негова мисија и иднина.
Иако млад правник, во 1889 година презема експедиција во Урал, со намера да го истражува правниот систем на Сирјанските племиња. Патувал кон докторската дисертација на Московскиот правен факултет, кога во 1895 година во Москва ќе ја посети изложбата на француските импресионисти. Според подоцнежните изјави на Кандински, на таа изложба бил затечен од сликата на Клод Моне - Куп сено... токму тоа е моментот на пресврт. Но, Кандински не е лик и карактер кој делува импулсивно, кој би менувал сопствен живот преку ноќ поради впечаток стекнат од една слика... Напротив. Но, импресионизмот му ја отвора вратата која ја бара додека попатно слика од хоби... а таа врата е светот на новите можности и комуникации.
Василиј Кандински го напушта Москосвкиот правен факултет, и кариерата на правник, и заминува за Минхен. Таму, во Минхен, во 1890 година запишува студии по сликарство. Судбина, навидум, слична на онаа на сликарот Пол Гоген кој бил успешен банкар кога решил да го напушти тоа, и да се посвети на сликарството. Но, Кандински е повеќе од сликар, тој е револуционер во уметноста, особено во сликарството.
Зошто токму во Минхен, а не во Париз, каде што заминувале повеќето руски уметници во тоа време. Одговорот го има Хелмут Фридел, директор на минхенската Лембшхаус галерија, и голем познавач на Кандински.
- Мислам дека Кандински тогаш, на својот сликарски почеток, се исплашил од големиот и моќен сликарски центар Париз, и доаѓа во Берлин кој, исто така, е голем центар на уметноста кон кој гравитирале многу европски големи сликари, и уметници воопшто, вели Хелмут Фридел пред руските новинари, во декември 2013 година, на отворањето на големата изложба Плавиот јавач, во музејот Пушкин во Москва.
Кандински совршено добро зборувал германски, музиката му била пасија, свирел виолончело, и имал големи познавања од германската класична музика во која уживал. Накусо, Кандински во германската култура и средина се чувствувал како да е дома во Москва, во Русија. Ги читал Шилер и Гете, а токму на германски јазик објавил голем дел од своите теориски дела. Најпосле, во Германија тој е дел, создавач на големите движења во уметноста и германската култура, обединети во групите Плавиот Јавач и Баухаус.
Затоа, некои денес сметаат дека Кандински е германски уметник.
Уште од почетокот, во Берлин создава и промовира сосема поинаков пристап кон сликарството, и сосема нови форми и комуникации со публиката. Учествува во создавање нов правец во сликарството, правец кој стреми далеку од традиционалното. Поаѓа од експресионизмот, патува се до кубизмот и новата - апстрактната уметност. Но, престојот во Германија ќе го покаже, и докаже токму главното – дека Кандински не е само автор на слики, туку е автор и учесник на револуционерни процеси во уметноста.
Во 1909 година во Минхен, заедно со мала група сликари, основа Ново уметничко здружение кое, набргу се распаѓа. Во 1911 година, тој и Франц Марк ја основаат уметничката група Плавиот јавач. Во групата членуваат познатите сликари Август Маке, Габриел Мунтер, Алфред Кубин, композиторот Арнолд Шенберг, Јавленски како и неколку други руски сликари... нивна тема на собирање и делување е експресионизмот. Сликање кое не го бара смо гледачот на делото, туку вклучување на неговата замисла заради крајно оформување на сликата и остварување на пораката.
Она што ги разликува од останатите експресионисти е што тие не се само добри сликари, туку и луѓе кои го разбираат процесот , навлегуваат во теоријата на причините и последиците од експресионизмот и новата, апстрактна уметност. Накусо, тие творат, но наоѓаат причини и начин својата уметност да ја објаснат, да ја направат комуникативна со околината, и да ги утврдат нејзините цели и мисија. Да создадат и теорија, и практика.
Она што го создава Плавиот јавач и Кандински ќе отвори нови процеси. Кубизмот, фовизмот... не биле само сликарски правци, туку навестување на новото време.
Во 1912 Кандински ќе го објави делото За духовното и уметноста, во кое ќе се дефинираат односите помеѓу тие две, и ќе ја најави теријата на новата уметност на векот.
Во летото 1914 година, кога почнува Првата светска војна, групата се распаѓа.
По војната времињата биле тешки, сиромашни и депресивни. Особено не биле погодни за нови идеи и пристапи кон уметноста, како апстрактната уметност на која припаѓале сликите на Кандински. Критичарите не ја ценеле неговата работа, а слики продавал многу малку. Карактер на неговите слики е што ритамот на форми и бои има музичка форма и такт, правила. Музика отсликана на платно, така што секоја боја има свој тон. Сликите на кои нема предмети и ликови, туку само форми изразени во остри линии и силни бои, не се купувале во тие тешки воени времиња - и тој морал да замине. Назад, во Москва.
Во тој период, кога Кандински се враќа дома, Москва била под власт на Болшевиците. Сликал, работел во Народниот комесаријат и предавал. Неговото сликарство во советска Русија не било ценето, дури било и прогласено за декадентно, а изложбите му биле забранети. Немал ништо од богатството на неговиот татко кое било национализирано, а неможејќи да слика, да создава и работи на теориите на модерното сликарство, ја прифатил поканата на Валтер Гропиус да биде професор на Баухаус, државна школа за архитектура и убави уметности во Вајмар, и во Берлин.
Во Германија соработува со другарот од друштвото Плавиот јавач, рускиот сликар Алексеј Јавленски, и тие во 1924 година заедно со Паул Клео и Лионел Фајнигер ја основаат групата Плава (сина) четворка. Во 1928 Василиј Кандински добива германско државјанство.
Две години подоцна Кандински се среќава, и станува пријател, со американскиот милионер и почитувач на модерната уметност Соломон Гугенхајм. Таа средба ќе биде клучна за неговата понатамошна кариера, бидејќи Гугенхајм ќе стане најголем промотор, но и најголем купувач на неговите слики. Дури 150 дела Кандински насликал за него.
Веднаш по доаѓањето на власт нацистите, во 1933 година, ја укинуваат школата Баухаус. Кандински, како за Болшевиците така и за нив е декадентен и вулгарен автор, па во 1937 година нацистите организираат изложба на срамот за уметноста, на која се изложени и 57 слики од Кандински од кои дел потоа се и уништени.
Кандински ја напушта Германија во 1938 година, и се сели во Франција каде ќе добие француско државјанство. Продолжува да создава, а неговите дела имаат музички имиња: Композиција еден, два... Во Франција ја насликал и својата последна слика, Композиција Х. Сликата е откупена од француската влада и претставува прва слика од апстрактното сликарство која е дел од француската државна колекција.
Во Франција живее до крајот на животот, до 13. декември 1944 година кога починал од срцев удар. Запаметен е како голем руски уметник, еден од славните сликари на експресионизмот и апстрактното, и најголем теретичар на таа уметност.
Ќе чуете, или ќе прочитате, дека некој автор, или некоја слика припаѓа на модерната уметност. На апстрактната. Но, таа уметност, пред се и пред сите, припаѓа на теориите на Василиј Кандински. Тој успеал на сликите да им даде димензија повеќе, да им даде музика која се гледа.
(Д.П. Латас)