Во морскиот дел јужно од грчките острови Касос и Родос, кусо пред 2 часот по полноќ, беше регистриран земјотрес со јачина од 6,1 степен, а од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака со предупредување за можно цунами и побарано од граѓаните веднаш да се оддалечат од крајбрежјето, јави дописничката на МИА од Атина.
Земјотресот беше почувствуван како на Родос и Касос, така и на Крит, без при тоа да предизвика материјална штета.
Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција Ефтимиос Лекас за државната телевизија ЕРТ рече дека конкретниот земјотрес не е поврзан ниту со оние во близина на Санторини, ниту со оние во Турција и нагласи дека нема потреба од загриженост.
Посочи дека главната карактеристика на земјотресот е што фокусната длабочина е 60 километри и според него, на оваа длабочина, земјотресите се случуваат еднаш, односно нема ниту претходна, ниту последователна серија земјотреси.
Во однос на превентивната порака од 112 за можно цунами, Лекас објасни дека земјотрес со оваа јачина може да предизвика цунами и никој не може да знае со сигурност.
- Во суштина немаме пробив на дното, пробивот не го достигнува дното, затоа немаме цунами. Сепак, цунами може да се создаде од подводни лизгања на земјиштето, кои можат да се појават во морето и затоа добро е да се испрати сигнал, дури и ако нема доволно голема веројатност да видиме такво цунами. Сепак, во секој случај, мислам дека нема причина за загриженост. Разговарав и со градоначалниците на областите и ми рекоа дека барем со досега достапните податоци, нема штета, истакна претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција.