Второ гласање во грчкиот Парламент за избор на претседател на Грција

31.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Второ гласање во грчкиот Парламент за избор на претседател на Грција

 Грчките пратеници претпладнево одново ќе гласаат за претседател на државата, откако во саботата, при првото гласање, ниту еден од четворицата кандидати не го доби потребното двотретински мнозинство, нешто што се очекува да се случи и на денешното второ гласање, јави дописничката на МИА од Атина.

Првпат по над 30 години предложени се четворица кандидати, до неодамна претседателот на Парламентот Константинос Тасулас, како предлог од владејачката Нова демократија, поранешниот министер Тасос Јаницис предложен од ПАСОК, поранешната пратеничка и министерка од ПАСОК Лука Кацели предлог од СИРИЗА и писателот Костас Кирјаку.

На првото гласање во саботата ниту еден од четворицата кандидати не доби најмалку 200 гласа од вкупно 300 пратеници, со што денеска ќе следи второ на кое повторно ќе биде потребно двотретинско мнозинство.

Тасулас во саботата доби 160 гласа, за Кацели гласаа 40 пратеници, Јаницис доби 34 гласа, за Кирјаку гласаа 14 пратеници, а 49 беа воздржани.

Очекувањето за денеска е дека резултатите би требало да бидат слични, ако не и идентични со првото гласање.

Гласањето е јавно со прозивање на секој од пратениците кои имаат две опции: или да одберат еден од кандидатите или да изјават дека се воздржани.

Откако првото гласање беше неуспешно, односно ниту еден од кандидатите не доби 200 гласа, согласно грчкиот Устав денеска ќе се одржи второ, што е по пауза од пет дена, во кое исто така ќе биде потребно двотретинско мнзинство, што значи дека ќе следи и трето, а според резултатите од саботата, новиот претседател се очекува да биде избран по четвртото гласање, кое ќе се одржи на 12 февруари и да биде избран Константинос Тасулас за шеф на државата со поддршка од околу 160 пратеници.

Петгодишниот мандат на актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу завршува на 13 март годинава.

Резултатите на последните две истражувања на јавното мислење за телевизиите „Алфа“ и „Скај“ спроведени пред една седмица покажаа дека 43 односно 49 проценти од анкетираните не се согласуваат со владиниот предлог за претседател на земјата. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата