Во август во Грција имало зголемен број туристи во споредба со лани, но потрошиле помалку пари

23.10.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во август во Грција имало зголемен број туристи во споредба со лани, но потрошиле помалку пари

Бројот на туристи кои во август годинава ја посетиле Грција е за 6,6 отсто повисок во споредба со истиот месец лани, меѓутоа приходите од посетителите се намалени за 1,8 проценти, покажуваат официјалните податоци од Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во август пристигнале 6.908.000 туристи, а порастот на бројот на туристи е по зголемувањето на посетители и од ЕУ (за 8,1 отсто) и од останатите земји (за 4,1 процент), но намалувањата на приходите споредбено со истиот месец од 2023 година е поради драстичното намалување (од 13,9 отсто) на трошоците на жителите од трети земји, наспроти порастот од 5,1 отсто на приходите од туристите од земјите од Европската унија. 

Од друга страна, во периодот од осум месеци, односно од јануари до август, Грција ја посетиле нешто помалку од 25 милиони туристи (24.890.600) за 9,9 отсто повеќе во споредба со истиот период лани, а зголемени се и 12,2 проценти и приходите од туризмот и изнесуваат 15,1 милијарда евра.

Ова, според Банката на Грција се должи на зголемувањето на приходите од жителите на земјите од Европската унија за 6 отсто додека приходите од жителите на другите земји се намалени за 2,8 проценти.

Во конкретниот период патничкиот сообраќај преку аеродромите бил зголемен за 11,1 отсто, а преку копнените гранични премини за 7,7 проценти.

Минатата година беше особено успешна за грчкиот туризам, со оглед на тоа дека Грција ја посетија 32,7 милиони туристи, за 17,6 отсто повеќе споредбено со 2022 година, a приходите за земјата беа 20,5 милијарди евра. /МИА.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата