Во Албанија минатата година биле вработени повеќе од 13.000 странци

24.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во Албанија минатата година биле вработени повеќе од 13.000 странци

Масовната миграција главно на млади условува недостиг на работна сила во Албанија, која потребите ги пополнува со работници од странство. Според податоците на Национална агенција за вработување и вештини (АКПА) минатата година во Албанија со редовен договор за вработување биле ангажирани над 13.000 странски државјани.

- Зголемувањето на бројот на странци се должи на економскиот раст што го доживеа земјата. Во 2024 година на нашиот платен список се запишани 700.000 вработени, од кои околу 13.000 се странци кои аплицирале да се вработат во Албанија, изјави Гертиола Чепани, директорка на Службата за пазар на труд.

Според неа меѓу странците на пазарот на труд во Албанија доминираат италијански, турски и индиски, а не е мал процентот и на македонски, косовски и пакистански државјани.

- Главни сектори каде што се обезбедени договори за вработување се услугите, сместувањето, градежништвото, трговијата и производството, наведе Чепани.

Важечките законски прописи во земјата предвидуваат сите странски државјани да обезбедат договор за вработување, за потоа да поднесат барање за дозвола за престој во Албанија.

Кујтим Дервиши од Здружението на ресторани и гостилница истакна дека и годинава, во пресрет на летната туристичка сезона, баровите, рестораните и хотелите имаат недостиг на работници.

Само на крајбрежјето има потреба од над 2.000 работници, готвачи, келнери, шанкери, хигиеничари, но и возачи, туристички водичи и менаџери. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата