Студентите протестираа пред зградата на РТС во Белград, Вучиќ од Јагодина повика на дијалог

24.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Студентите протестираа пред зградата на РТС во Белград, Вучиќ од Јагодина повика на дијалог

Илјадници студенти и граѓани вечерва се упатија кон зградата на Радио телевизија на Србија во центарот на Белград, каде побараа од медиумската служба објективно да известува и да дозволи пренос во живо на програмата.

Пред зградата на РТС на улицата Таковска, толпата зазема голема површина од едната страна, до зградата на Поштата и паркот Ташмајдан, а од другата страна сè до следната раскрсница, а имаше луѓе и во околните улици.

Вклучувањето на студенти во информативната програма на РТС во 19 часот и 30 минути не е дозволено, но извештајот во таа програма беше значително подолг од претходните денови и вклучуваше бројни изјави на студенти снимени во текот на денот во различни градови во државата.

Студентите пристигнаа пред зградата на РТС околу 19 часот и прво одржаа петнаесетминутен молк, а потоа извикуваа „Генерален штрајк“ и разни други пароли против владата и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Новинарите на РТС известуваа за протестите низ Србија дури по опширниот извештај од митингот на владејачките СНС и СПС во Јагодина.

Студентите во моментов почнаа да се враќаат на факултетите, а дел се уште се пред РТС.

Вучиќ на митинг во Јагодина повика на дијалог со студентите

Во Јагодина вечерва се одржа митинг по повод основањето на Движењето за народот и државата, на кој српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е трогнат од бројот на луѓе кои се собрале да ја изразат својата желба да ја заштитат и зачуваат Србија, пренесува Анадолија. Ова е собирот на Вучиќ кој го одржува за да се спротивстави на протестите и штрајкот предводени од студентите.

Насобраните извикуваа пароли „Ацо, Србине“ и „Не се откажуваме од Србија“, а Вучиќ им се заблагодари на сите што пристигнаа во Јагодина.

„За малку ќе заплачев кога видов толку многу луѓе кои сакаат да ја бранат Србија. Нашиот народ знае, Србија знае како е нападната денес и од надвор и од внатре. Народот знае кога е време да ги поддржи оние кои се бореле за Србија. Тие го притискаат нашиот народ во Косово, се обидуваат да ги протераат Србите“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека, според него, оние кои ја ограбиле Србија сега сакаат да ги користат децата за да ја вратат власта.

„Прекрасно е да се биде претседател на Србија. Нема ништо поубаво на светот“, рече Вучиќ, нагласувајќи дека на основците и средношколците место им е во училиштата. Тој ги повика студентите на дијалог, барајќи од нив јасно да кажат што не е исполнето за да се остварат нивните барања.

„Ве молиме дојдете и кажете ни кое од четирите барања што ги поставивте не е исполнето“, рече тој.

Вучиќ во своето обраќање истакна дека додека е претседател на Србија нема да воведува санкции кон Русија или други пријателски земји. Тој нагласи дека го разбира незадоволството поради објективни проблеми, но вети поддршка за нивно решавање.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата