Албанското Специјално обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), ги заокружи истрагите и оформи обвинение за корупција и перење пари против поранешниот албански претседател и лидер на Партијата на слободата, Илир Мета и неговата доскорешна сопруга, Моника Круемади.
СПАК ги заврши истрагите за досието ЦЕЗ-ДИА, лобирањето во САД на поранешната партија Движење за социјалистичка интеграција, сега Партија на слободата, и истрагата за имотот, против Илир Мета и Моника Круемади. Поранешната двојка Мета-Круемади, која се разведе пред кратко време, беше под истрага за корупција, перење пари и непријавување и прикривање на имот.
Се очекува СПАК во рок од неколку дена да го испрати досието до Специјалниот суд против корупција и организиран криминал, каде на претходно рочиште, ќе се одлучи дали случајот ќе продолжи на судење, ќе биде вратен на довршување или ќе биде отфрлен.
Мета, кој е во затворски притвор, остро реагираше оценувајќи го процесот како „истражна фарса“ со политички мотиви.
Во реакција на Фејсбук, тој директно го обвинува СПАК како структура заробена од премиерот Еди Рама, опишувајќи го неговото апсење на 21 октомври 2024 година како криминално и не засновано на никакви правни докази.
Фарса во служба на Еди Рама! Нула факти, нула докази. Целта на поднесените обвиненија е да се сврти вниманието од изборните злосторства, кои не можеа да се случат без помош од СПАК и да се нападне опозицијата, напиша Мета на Фејсбук.
Тој предупреди на јавно соочување на суд, каде што, според него, ќе биде соборена целата „политичка фарса насочена кон дискредитирање на неговата личност и зајакнување на контролата на мнозинството врз институциите“.