Претседателот на Европската народна партија (ЕПП) Манфред Вебер го поддржа кандидатот на лидерот на Демократската лига на Косово (ЛДК) Љумир Абдиџику за премиер на Косово.
Во видео-обраќање, Вебер рече дека оваа недела народот на Косово мора да избере меѓу тоа да остане во место или да оди напред.
Според него, има само еден лидер кој има интегритет и визија да го води Косово кон подобра иднина.
„Тој е наш партнер и пријател долго време. Љумир не е политичар кој зборува празни слогани. Тој е лидер кој ја разбира тежината на одговорноста, кој знае дека раководењето бара напорна работа, сериозни реформи и длабока посветеност на луѓето. Под негово водство, ЛДК, партија членка на ЕПП, изгради јасен и амбициозен план за следната генерација“, рече Вебер.
Тој додаде дека е време Косово да избере надеж наместо разочарување и да избере акција наместо изговори.
„Јас го поддржувам Љумир и неговиот одличен тим во ЛДК, бидејќи Косово заслужува лидерство кое дава резултати“, додаде тој.
Покрај Абдиџику, кандидати за премиер на Косово се и актуелниот премиер Албин Курти, Бедри Хамза од Демократската партија на Косово (ПДК) и Рамуш Харадинај од Алијансата за иднината на Косово (ААК). /МИА