Поглаварот на Албанската православна црква Анастасиос денеска ќе биде погребан во Тирана

30.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Поглаварот на Албанската православна црква Анастасиос денеска ќе биде погребан во Тирана

Во присуство на вселенскиот патријарх, на патријарсите од Ерусалим и Бугарија, архиепископот од Кипар, делегации од Патријаршијата на Србија, Романија и Антиохија, делегација од Света Гора, како и на премиерите на Грција и Албанија, според грчката новинска агенција, претпладнево во Соборниот храм „Воскресение Христово“ во Тирана ќе биде погребан поглаварот на Албанската православна црква Анастасиос, јави дописничката на МИА од Атина.

Архиепископот на Албанија почина во саботата на 95-годишна возраст, откако од почеткот на месецов беше хоспитализиран во атинска болница.

Иако е роден во Грција, тој од претходно оставил во аманет неговиот вечен дом да биде во Албанија.

Телото на покојниот архиепископ, во вторникот од Атина пристигна во Тирана каде што беше изложено за народно поклонение во Соборниот храм.

На денешната погребна церемонија закажана за 11 часот, како што објави грчката новинска агенција АНА-МПА, ќе говорат вселенскиот патријарх Вартоломеј, привремениот поглавар на Албанската православна црква митрополитот од Корча Јоанис, координаторот на Светскиот совет на црквите, бискупот Хајнрих Бедформ-Стром, премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис и премиерот на Албанија Еди Рама.

Роден како Анастасиос Јанулатос, архиепископот беше теолог, мисионер, писател и поранешен професор на Универзитетот во Атина, а во изминатите 32 години беше поглавар на Православната црква на Албанија, која тој самиот ја обновил во 1992 година под сегашната титула, откако мисијата ја добил од Вселенската патријаршија.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата