По десетти пат е прекината конститутивната седница на Собранието на Косово

3.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
По десетти пат е прекината конститутивната седница на Собранието на Косово

Само 54 пратеници гласаа за членовите на комисијата за тајно гласање, а пратениците од опозициските партии беа против тоа.

Седницата е закажана да продолжи во понеделник во 10 часот.

Конститутивната седница на Собранието на Косово започна на 15 април, а досега е одложувана девет пати, последниот пат на 1 мај, кога не беше прифатен предлогот на Самоопределување за одржување тајно гласање за избор на претседател на Собранието.

Претходно, седницата беше двапати одложена поради непотврдување на мандатите на пратениците, а потоа шест пати затоа што кандидатката на Самоопределување за претседател на Собранието, Аљбуљена Хаџиу, не го доби потребниот број гласови.

Во шест обиди за избор, таа никогаш не доби повеќе од 57 гласа, додека за избор на претседател на парламентот се потребни 61 глас.

Дел од опозицијата бара од „Ветевендосје“ да го смени својот кандидат, но партијата не се откажува од тоа Хаџиу да биде кандидат за претседателка на парламентот.

На изборите на 9 февруари, Самоопределување освои 48 места, Демократската партија на Косово 24, Демократскиот сојуз на Косово 20, Алијансата за иднината на Косово и иницијативата Нисма осум, Српската листа девет, Партијата за слобода, правда и опстанок едно, а преостанатите 10 места им припаѓаат на претставници на другите немнозински заедници.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата