Момчињата на возраст од 9, 10 и 13 години во неделата си играле пред куќата на нивната баба во село во близина на Терме, кога непознат маж на возраст од 40 години го запрел својот автомобил пред дворот и почнал да ги намамува момчињата внатре, објави ЕРТ.
„Ајде, да одиме да се прошетаме“, упорно им кажувал човекот на децата.
За среќа, децата биле доволно свесни да не влезат во автомобилот, а едно од нив почнало да паничи и да повикува помош. Соседот кој ги слушнал врисоците веднаш истрчал надвор, поради што осомничениот педофил нагазил на гас и се оддалечил.
Бабата на момчињата сè уште не можела да се опорави од шокот и добила стрес само размислувајќи што би можело да се случи доколку момчињата наивно влегле во автомобилот.
"Беа толку исплашени. Влегоа во куќата и се тресеа. Ми кажаа како мажот им рекол да влезат во кола, да ги однесе на возење", вели бабата на трите момчиња.
Родителите на едното момче веднаш повикале полиција, која извршила истрага и брзо го идентификувала осомничениот. Според грчките медиуми, станувало збор за странски државјанин кој возел без возачка дозвола и во алкохолизирана состојба.
Веднаш е приведен и утре треба да биде сослушан кај истражен судија. Тој се товари за обид за киднапирање на малолетно лице, возење без дозвола и возење под дејство на алкохол.