Министерот за наука, образование и млади на Хрватска Радован Фукс изјави дека оценувањето на вработените во образовниот систем, против кое протестираа синдикатите, нема да почне на 1 јануари, бидејќи се уште не се донесени потребните прописи.
„Адвентниот протест“ што во саботата во центарот на Загреб го организираа три од четирите синдикати вработени во науката и образованието, се одржа две недели пред стапувањето во сила на Правилникот за оценување на вработените во јавните служби.
Фукс за ХРТ изјави дека се погрешни информациите дека оценувањето почнува на 1 јануари. Имено, како што рече, за да може да се примени регулативата, надлежните министерства треба да донесат прописи врз основа на кои ќе се врши евалуација во одделни сегменти.
- Сè додека не се донесат овие прописи, оценувањето во училиштата не може ни да почне, рече Фукс и додаде дека „се работи на тие прописи“.
Фукс рече дека ќе продолжат да разговараат на темата и дека има уште доста време да се изјаснат што ќе прават со оценувањето.
Во организација на Синдикатот на науки, Училишниот синдикат „Препород“ и Независниот синдикат на вратените во средните училишта во саботата во Загреб се одржа протест поради незадоволството од новиот Закон за плати и системот за оценување што треба да стапи во сила во јавните служби од 1 јануари.
Собирот на демонстрантите на „Адвентскиот протест против оценувањето и неправедните коефициенти“ почна на плоштадот Република Хрватска, од каде што поворката се упати кон плоштадот Бан Јелачиќ.
Многумина демонстранти го изразија своето незадоволство со свирежи, синдикални знамиња и транспаренти како: „Коефициентите се неправедни, бараме промени“, „АП драго мое, наставниците би сакале малку од твојата плата“, „Без акција нема реакција“, „Оценување: Одмазда на лошите ученици со нивните професори“, „Коруптивната власт ја краде иднината“ и „Сè уништивте, но образованието не го даваме“.
Организаторите во пресрет на протестот рекоа дека е клучно да се укаже на нивното незадоволство за воопшто да има измени во Уредбата за коефициенти за пресметка на платите, а имаат три синдикални барања.
Првото е изземање од системот за евалуација или промена на целиот концепт, второто е елиминирање на отпуштањето како последица на оценување во јавните служби и третото е бришење на границата од 20 проценти за договарање додатоци преку колективни договори.
Покрај оценувањето, големо незадоволство кај членовите на синдикатот има и поради неправедно поставените коефициенти кои повторно ги позиционираат вработените во образованието и науката во втор план во однос на другите делови од јавниот сектор.