Она што сега е важно е да се финализираат соодветните процедури за избор на нов претседател и, и покрај приговорите што може да постојат да се создаде, националното единство со реализам и вистина и ќе се стремам ова да го сторам како лидер на Нова демократија, очекувајќи го ставот и на останатите партии, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на средбата со претседателката во заминување Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за прва средба на Мицотакис и Сакеларопулу откако грчкиот премиер соопшти дека Константинос Тасулас е владиниот предлог за претседател на државата, а актуелната шефица на државата не доби можност за втор мандат.
Мицотакис посочи дека денешната средба е „посебна и различна од вообичаените“, ѝ се заблагодари на Сакеларопулу „за одличната соработка во овие пет години“.
-Историјата пишува дека сте првата жена претседател во историјата на Грција и верувам дека на институцијата ѝ ги дадовте вашите исклучителни карактеристики со тоа што го отворивте Претседателството на државата за грчкото општество, ставајќи голем акцент на општествените прашања, на културата, на уметноста, рече Мицотакис.
Паралелно го повтори ставот дека за време на следните уставни измени во 2026 година, ќе предложат претседателот или претседателката на државата да има еден, шестгодишен мандат.
Сакеларопулу им се заблагодари и на Мицотакис и на Парламентот за, како што рече укажаната чест и доверба во неа, кога пред пет години беше избрана за претседателка.
- Институционалната комуникација меѓу државните фактори и информирањето е многу важна во демократијата, за оваа цел беа и нашите месечни средби. На денешната меѓународна сцена, нашата ера има многу предизвици и ризици кои ги надминуваат границите на нашата татковина, а ова ја прави неопходна подготвеноста на целиот политички систем, со најголем можен консензус за доброто на земјата, порача грчката претседателка.
Мицотакис и Сакеларопулу првично беше најавено дека ќе се сретнат минатата среда во рамките на нивните редовни месечни средби, меѓутоа еден час пред средбата, од Премиерската палата информираа дека средбата се одложува за следните денови и соопштија дека Мицотакис ќе упати порака до граѓаните, во која соопшти дека владиниот предлог за следен претседател на државата е собранискиот спикер Косатнтинос Тасулас.
Претседателот во Грција го одбира Парламентот, а процедурите ќе започнат в сабота на 25 јануари со првото гласање.