„Сакам уште еднаш да ги уверам жителите на Санторини и на соседните острови кои деновиве се соочуваат со тест дека државниот механизам е на нивна страна“, рече Мицотакис за време на посетата на островот, додавајќи дека подготвеноста и превенцијата се клучни, пренесоа грчките медиуми.
Тој изрази надеж дека овој феномен брзо ќе заврши и дека островот целосно ќе се врати во својот нормален ритам.
Два земјотреси со јачина од 5,0 и 4,5 степени го погодија грчкиот остров Санторини, соопшти утринава Европскиот медитерански сеизмолошки центар.
Земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтер го погоди 30 километри североисточно од градот Фира на Санторини во 9:11 часот.
Неколку минути подоцна, во 9:16 часот, земјотрес со јачина од 5 степени по Рихтер го погоди 12 километри североисточно од Фира.
Грчката влада вчера прогласи вонредна состојба на Санторини, откако егејскиот остров беше погоден од серија земјотреси во последните денови, поради што беа евакуирани повеќе од 10.000 жители и туристи.