Марта Кос во Србија: ЕУ и граѓаните го бараат истото

29.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Марта Кос во Србија: ЕУ и граѓаните го бараат истото

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави во Белград дека Србија има многу да и понуди на Европа и дека во разговорот со премиерот Ѓуро Мацут ги поканила да работат заедно на реформите за да биде можно членството на Србија во ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград. 

„Сега имаме можност што се случува еднаш во генерацијата да го завршиме обединувањето на Европа. Не станува збор само за проширување. Многу земји-кандидатки сфатија дека е потребно да се спроведат реформи побрзо отколку што беше случај досега. Би сакал истото да се случи и во Србија, земја која има богата историја и традиција со многу вредни и иновативни луѓе“, рече Кос на заедничката конференција по средбата со премиерот на Србија. 

Таа додаде дека без реформи во судството, слободни медиуми и подобра изборна рамка, Србија не може да напредува.

Кос рече дека го повикала Мацут да соработува со Европа на реформи, на воспоставување независно судство што може ефикасно да се бори против корупцијата и на изборна рамка што ќе обезбеди да се слушне волјата на српскиот народ.

„Знаеме дека она што го бараме е многу блиску до она што го бараат луѓето што протестираат на улиците во Србија“, рече Кос, додавајќи дека го дели ставот на Мацут за решавање на проблемот, дека сите делови од општеството мора да бидат вклучени, бидејќи вистинската трансформација доаѓа одвнатре.

„Работете со нас на реформи за да биде можно вашето членство. Работете со нас на воспоставување независно судство што може ефикасно да се бори против корупцијата. Работете со нас на спроведување закони и воспоставување институции кои ќе овозможат слободни медиуми каде што ќе бидат застапени сите мислења. Работете со нас на воспоставување изборна рамка што ќе обезбеди дека волјата на српскиот народ ќе биде слушната и дека одлуките ќе се носат врз основа на неа“, рече Кос. 

Таа нагласи дека затоа ја смета својата прва средба со премиерот Мацут за многу позитивна и дека тие делат ист став во однос на решавањето на проблемите во општеството.

Кос изјави дека утре ќе се сретне со студентите кои протестираат, со оние кои би сакале да се вратат на студии, како и со претставници на владата и опозицијата.

Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, изјави дека се надева оти фокусот на посетата на европската комесарка за проширување Марта Кос ќе биде образованието и оти тоа ќе помогне во воспоставувањето на дијалогот што беше замрзнат во претходните месеци.

Мацут по средбата со комесарката за проширување на Европската унија , изјави дека посветеноста на европската интеграција е апсолутен приоритет на Србија и додаде дека владата што ја предводи ќе продолжи силно со тој процес. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата