На насловните страници на хрватските медиуми Зоран Милановиќ го нарекуваат „омилениот претседател на Путин“ и „новиот руски херој“, додека предупредува дека „европските граѓани ќе ја платат цената на санкциите против Русија, а Путин ќе се насмее“.
Веднаш потоа се крена низа критики од премиерот Андреј Пленковиќ, кој тврди дека Милановиќ половина година ги застапува ставовите на Москва, а не на Загреб. „Тој ја релативизира агресијата и води политика која треба да ја остави Русија да прави што сака. Тоа е голем срам“, тврди премиерот.
Владејачката ХДЗ го нарекува Милановиќ „руски агент“.
– Гласен кога Кремљ треба да се брани, уште во февруари, пред руската агресија врз Украина, отворено се спротивстави на проширувањето на НАТО – велат во ХДЗ за претседателот на Хрватска. – Оди рака под рака со Кремљ, искомплексиран, палав и љубоморен на Андреј Пленковиќ.
Не се штеди на директни навреди, па ХДЗ на Пленковиќ и самиот премиер го нарекуваат Милановиќ – „Кремљенко“, додека тој му возвраќа на Пленковиќ со „Удбашенко“.
Додека едни ја оценија иницијативата на Милановиќ да го блокира влезот на Шведска и Финска во НАТО додека изборниот закон во БиХ не се реши како директна поддршка за Русија и Путин, други сепак сметаат дека е добро што шефот на државата го поврза проширувањето на НАТО и хрватските права.
Зоран Милановиќ во последните месеци беше „почестен“ од остри критичари со тешки навреди, од „московска банда“ до „удбашки послушник“ и „титов чувар“. И тој не го штеди премиерот Андреј Пленковиќ, за кој вели дека се однесува како „украински агент“.