Косовската влада го продолжи рокот за промена на српските со косовски регистарски таблички

1.12.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Косовската влада го продолжи рокот за промена на српските со косовски регистарски таблички

Владата на Косово го продолжи рокот за замена на нелегалните регистарски таблички со косовски, односно за замена на регистарските таблички издадени од Србија за возилата во северно Косово, со таблички со знакот RKS (Република Косово), јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти владината служба за информирање, рокот кој истече вчера е продолжен за 15 дена, односно до 15 декември годинава.

- Владата на Република Косово одржа електронска седница, на која ја измени и дополни владината одлука... од 30 октомври 2023 година, со што го продолжи рокот за регистрација со финансиски поволности за сопствениците на возила со деноминациите „ПР“, „КМ“, „ПЗ“, „ГЛ“, „УР“, „ПЕ“, „ДА“ или „ЃА“ до 15 декември 2023 година, се вели во соопштението на Владата.

Полицијата претходно побара од Владата да го продолжи рокот со образложение дека постои голем интерес кај граѓаните во четирите северни општини за промена на регистарските таблички во РКС.

Според полицијата, до 29 ноември возилата ги пререгистрирале 3001 граѓанин, додека и вчера, последниот ден од претходниот рок, имало големи редици во центрите за регистрација на возилата во општините со мнозинско српско население во северно Косово.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата