Овој настан се смета за историски момент со кој симболично почна процесот на создавање независна и демократска држава.
На тој ден, на плоштадот Свети Марко, за прв пат се собраа пратениците избрани на слободни, повеќепартиски избори, на кои победи Хрватската демократска заедница (ХДЗ). Конституирањето на Саборот отвори ново поглавје во националната историја.
На првата седница беше избрано раководството на Саборот – Жарко Домљан стана претседател, а за потпретседатели беа именувани Ивица Перцан, Стјепан Сулиманац и Владимир Шекс. За претседател на Извршниот совет на Саборот беше избран Стјепан Месиќ, а дотогашната функција претседател на Претседателството на СР Хрватска ја презеде Фрањо Туѓман.
- Не се сомневав дека народот ќе ја покаже својата зрелост на изборите. Сигурен сум дека ќе знае да изгради живот достоен на слободните луѓе во својата единствена, напатена, но света татковина, рече тогаш Туѓман на конститутивната седница на првиот демократски, повеќепартиски хрватски Сабор, одржана во зградата на Саборот на плоштадот Свети Марко во Загреб, потсетуваат денеска загрепските медиуми.
Првиот повеќепартиски Сабор имаше 351 пратеник во три совети – општински, на здружен труд и општествено-политички совет. И покрај предизвиците и воените околности што следеа, тој состав донесе низа клучни одлуки: раскинување на државно-правните врски со поранешна СФРЈ, прогласување на хрватскиот суверенитет и самостојност и донесување на т.н. Божиќен устав кон крајот на 1990 година.
Денот на државноста првично се одбележуваше на 30 мај – од 1991 до 2001 година, како датум кога симболично почна процесот на создавање демократска и самостојна држава. Меѓутоа, во 2001 година, со измена на законот во мандатот на владата на Ивица Рачан, беше преместен на 25 јуни, со цел да се одбележува одлуката на Хрватскиот сабор од 1991 година за прогласување независност и раскинување на сите врски со поранешна СФРЈ.
Од 2020 година, на предлог на Владата на Андреј Пленковиќ, Денот на државноста повторно е вратен на 30 мај, со што Владата сакаше да ја врати симболиката на почетокот на демократијата во Хрватска, односно почетокот на повеќепартискиот парламентаризам.
Претседателот на Републиката, Зоран Милановиќ, изминатите години не учествуваше на одбележувањето на Денот на државноста на 30 мај, со објаснување дека ХДЗ произволно го прогласил тој датум за Ден на државноста. Премиерот Андреј Пленковиќ претходните денови рече дека Милановиќ ниту оваа година нема да учествува во одбележувањето на Денот на државноста, јави Хина.