Доналд Трамп помладиот утре во нова посета на Србија, закажана средба со претсеателот Вучиќ

25.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Доналд Трамп помладиот утре во нова посета на Србија, закажана средба со претсеателот Вучиќ

Во трета посета на Србија за изминатите седум месеци в сабота ќе биде синот на американскиот претседател Доналд Трамп, Доналд Трамп помладиот. Посетата сега ќе биде како дел од неговата источноевропска турнеја, што ќе ги опфати Бугарија, Романија, Чешка, Словачка и Унгарија, јави МИА од Белград.

Тој ќе има средба со српскиот претсеател Александар Вучиќ. Трамп помладиот ќе зборува на бизнис форум организиран од Стопанската комора на Србија (ПКС) и Клубот на бизнисмени.

Последен пат кога се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој му даде интервју, беше во март, а претходно кон крајот на септември лани, во ек на претседателската кампања во САД, кога се сретна со бизнисмени и луѓе од деловниот свет, вклучувајќи претставници на романската бизнис елита, во центарот на Белград.

Како што пишува бриселскиот портал „Еурактив“, Доналд Трамп помладиот и израелската министерка за наука и технологија, Гила Гамлиел, ќе ја посетат Бугарија в  недела, на бизнис самит за инвестиции во вештачка интелигенција (ВИ), иновации и финансии.

Настанот е организиран од компанијата за криптовалути Nexo, основана од бугарски претприемачи, како дел од иницијативата „Трамп бизнис визија 2025“.

Во Романија, според „Еурактив“, Доналд Трамп помладиот треба да присуствува на бизнис настан под покровителство на бизнис-визијата на Трамп за 2025 година, со цел зајакнување на економските врски и презентирање на визијата на семејството Трамп за регионот. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата