Дендиас со Ф-16 леташе над Егејското море

23.02.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Дендиас со Ф-16 леташе над Егејското море

Министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас денеска учествуваше во лет на воениот авион Ф-16 Viper на грчкото воено воздухопловство, прелетувајќи го југоисточниот и централниот дел на Егејското Море, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас е во посета на воената база Суда на островот Крит и истакна дека конкретната област е од „огромна стратешка важност, како што е од стратешко значење и улогата на Грција во поширокиот регион“. 

-Предмалку имав единствена можност да летам со Ф-16 и тоа со Ф-16 Viper – најмодерната верзија и да ги разберам исклучително тешките услови под кои припадниците на военото воздухопловство ја вршат нивната работа, нивната обврска кон татковината, порача министерот за одбрана на Грција. 

Истакна дека земјата „продолжува со напорите за зајакнување и модернизација на воздухопловните сили“, а по авионите Рафал и Ф-16, потсети дека сега се во тек разговорите за набавка на Ф-35.

-Во рамките на „Агендата 2030“, исто така се обидуваме да ја регенерираме, да ја рекреираме нашата одбранбена индустрија и да создадеме нов иновациски систем, кој ќе ни даде можност сами да произведуваме системи за оружје, искористувајќи ги капацитетите и човечкиот капитал на нашата земја, рече Дендиас. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата