Британски министер ја повика Србија да го искористи своето влијание на северот на Косово

27.09.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Британски министер ја повика Србија да го искористи своето влијание на северот на Косово

Британскиот министер за европски прашања Лео Докерти во денешниот разговор со српските власти во Белград најостро ги осуди нападите врз косовската полиција во близина на манастирот Бањска и ги повика властите во Белград и Приштина да работат заедно за да ги изведат сторителите пред лицето на правдата.

„Обединетото Кралство и натаму поттикнува конструктивно однесување во дијалогот меѓу Србија и Косово, како клуч за регионалната стабилност и безбедност. Силно го осудуваме насилниот напад врз косовската полиција на 24 септември и ги повикуваме властите во Белград и Приштина да работат заедно да ги изведат сторителите пред лицето на правдата“, рече Докерти, пренесе британската амбасада во Белград.

Докерти го посети Белград во рамките на регионалната турнеја низ Западен Балкан, а разговараше со српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ и министерката за евроинтеграции Тања Мишчевиќ, како и со претставници на парламентот.

„Настаните од 24 септември претставуваат реални ризици за регионалната стабилност. Тие произлегуваат од неконтролираното акумулирање оружје и неуспехот да се постигне напредок во нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово, чија цел е сите заедници да се чувствуваат безбедни и сигурни“, рече Докерти.

Тој ја повика Србија целосно да соработува со косовските власти и меѓународните партнери со цел да се изведат одговорните пред лицето на правдата, како и да го искористи своето влијание на северот на Косово со цел да ги деескалира тензиите и да го обесхрабри понатамошното насилство, како и да се воздржат од какви било потези или реторика кои би го отежнале враќањето на дијалогот под покровителство на Европската Унија.

„Обединетото Кралство ги охрабрува Србија и Косово да се однесуваат одговорно и итно и со добра волја да се вратат на процесот на дијалог спонзориран од ЕУ“, се додава во соопштението. 

фото: Британска Влада

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата