Galaxy A серијата паметни телефони на Samsung е чест и поволен избор на многу корисници, на кои не им се толку важни флегшип спецификациите. Дека моделите како A12, A32, A52 и A72 се популарни, докажуваат и новите податоци од истражувачката компанија Counterpoint Research.

Имено, Galaxy A  серијата е најпопуларна во понудата на Samsung, сочинувајќи 58 отсто од продажбата на паметни телефони на компанијата во 2021 година, пренесува Android Central.

„Mid range А серијата беше главниот „работен коњ“ во целото портфолио на паметни телефони на Samsung во последните неколку години. Уредите се здобија со широка популарност на глобално ниво, со добри резултати на различни пазари“, рече Лиз Ли, водечки аналитичар во Counterpoint Research.

Треба да се напомене дека овој извештај доаѓа непосредно во пресрет на денешното претставување на Samsung на новите модели од А серијата (Galaxy A53 5G и Galaxy A73 5G), за кои Ли вели дека ќе бидат клучни за Samsung да остане пред конкуренцијата.

„Покрај овие бројки, очекуваните нови уреди, посебно A73 5G се важни бидејќи директно ќе се натпреваруваат со најприфатливите модели од водечките кинески брендови“, заклучи Ли.