Зеленски: Украинската делегација замина на трилатерален состанок во Абу Даби

3.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Зеленски: Украинската делегација замина на трилатерален состанок во Абу Даби

Украинската делегација замина на трилатерален состанок во Абу Даби, изјави синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски во редовното видео обраќање и додаде дека украинскиот тим продолжува да работи со американската страна за постигнување мирновно решение.

„Денеска имаше состанок со нашата делегација - тие веќе се на пат. Средбите ќе бидат во среда и четврток. И не само трилатералниот формат, туку и нашиот билатерален формат со Америка... Подготвени сме за безбедносни гаранции. Владините претставници работат на обновата и понатамошниот развој на Украина, нашите тимови се активно вклучени во ова“, рече Зеленски.

Тој нагласи дека е исклучително важно САД решително да го поддржат дијалогот и соработката со руската страна во овој момент.

Зеленски денеска се согласи со украинската делегација за рамката на разговорите и специфичните задачи за украинскиот преговарачки тим пред новата рунда трилатерални состаноци во Обединетите Арапски Емирати.

Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, ќе присуствува на преговорите со руската и украинската делегација во Абу Даби, објави денеска Белата куќа.

Зеленски претходно објави дека следната рунда трилатерални разговори меѓу Украина, САД и Русија за прекин на војната во Украина ќе се одржи на 4 и 5 февруари во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека одложувањето на втората рунда мировни преговори за Украина во Абу Даби е резултат на несогласување во распоредот на делегациите и дека новите разговори ќе се одржат на 4 и 5 февруари. САД изјавија дека двете страни се „блиску до договор“, но, според украински извори, клучна пречка остануваат териториите во повоениот договор. На претходната средба во Абу Даби од 23 до 24 јануари, фокусот на преговорите беше на прекин на војната и унапредување на мировниот процес. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата