Тој, по состанокот со папата Лав Четиринаесетти изјави дека предлогот за средби на ниво на лидери во Ватикан, со цел ставање крај на руската агресија и постигнување стабилен, траен и вистински мир, „останува отворен и апсолутно можен“, пренесува Укринформ.
- Во моментов, само Москва го отфрла овој предлог, како и сите други мировни предлози. Ќе продолжиме да градиме глобална солидарност за дипломатијата и понатаму да функционира, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Тој му се заблагодари на папата за поддршката на украинските деца, вклучувајќи ги и оние вратени од руско заробеништво.
- Украинските деца имаат можност за рехабилитација и одмор во Италија, и таквото гостопримство и искреност се исклучително важни. Денеска разговаравме за понатамошните напори на Ватикан да ги врати украинските деца кои беа киднапирани од Русија, наведе Зеленски.
Украинскиот претседател пристигна во посета на Италија, каде што ќе учествува на дводневната Конференција за обнова на Украина (УРЦ 2025) која почнува утре во Рим.