Зеленски: Преговарачите од Украина, Русија и САД се среќаваат на почетокот на ноември во Абу Даби

23.10.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Зеленски: Преговарачите од Украина, Русија и САД се среќаваат на почетокот на ноември во Абу Даби

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека преговарачите од Украина, Русија и САД се согласиле на состанок на техничко ниво во првата половина на ноември во Абу Даби, изразувајќи надеж дека ќе следи состанок на лидерите на трите земји.

Зеленски рече дека разговарал со американските претставници Џаред Кушнер и Стив Виткоф во понеделник, по нивниот состанок со рускиот претседател Владимир Путин претходно оваа недела, објави Ројтерс.

Тој рече дека секој мировен договор ќе мора да вклучува силни безбедносни гаранции за Украина и финансирање на украинската војска за следните 10 години.

„Планот е состанокот да се одржи во првата половина на ноември и, се разбира, што е можно поскоро“, рече Зеленски преку видео врска на собир на Институтот Хадсон во Вашингтон.

Според него, многу ќе зависи од Русија, истакнувајќи дека сличен состанок, кој требаше да се одржи овој месец, не се одржа.

Зеленски ја нагласи важноста на продолжувањето на дипломатските напори насочени кон постигнување прекин на огнот и завршување на војната, која сега е во својата петта година, и додаде дека Европа исто така треба да биде вклучена во преговорите.

Украинскиот претседател оцени дека е клучно по техничките разговори да следи состанок на лидерите на Украина, Русија и САД.

Зеленски, исто така, рече дека украинската војска сè уште има проблеми со пристапот до комуникациските системи „Старлинк“, и покрај уверенијата на САД дека ограничувањата на брзината се отстранети.

„Ограничувањата на брзината на системите „Старлинк“ и „Старшилд“ сè уште постојат и брзината не е вратена“, рече Зеленски, спротивставувајќи се на тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека услугите се целосно вратени.

Украина, исто така, чека испорака на претходно договорените пресретнувачи на воздушна одбрана, рече Зеленски, што дополнително ја комплицира одбраната на земјата од речиси секојдневните масовни руски напади со беспилотни летала и ракети.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата