Зеленски побара ЕУ да го „заобиколи“ ветото на Унгарија за членство на Украина во Унијата

11.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Зеленски побара ЕУ да го „заобиколи“ ветото на Унгарија за членство на Украина во Унијата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е подготвена да ги отвори сите кластери од пристапните преговори со Европската Унија под данското претседателство со Советот на ЕУ, и апелираше за решение што ќе го надмине унгарското вето, кое го попречува напредокот на Украина кон членство во Унијата.

Изјавата ја даде по средбите со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, на маргините на Конференцијата за обновување на Украина во Рим.

– Им се заблагодарив за новиот пакет поддршка од над две милијарди евра. Важна е и иницијативата за Европскиот водечки фонд за обнова на Украина, кој ќе помогне во привлекување нови инвестиции, рече Зеленски.

Тој повтори дека европската интеграција на Украина останува врвен приоритет и потенцираше дека „мора да се најде решение за унгарското вето“.

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, остро се противи на потенцијалното приклучување на Украина во ЕУ, оценувајќи дека интегрирањето земја која е во војна претставува закана за стабилноста на Унијата.

Зеленски одржа и билатерални средби со лидерите на Германија, Финска, Полска и Бугарија.

По разговорите со германскиот канцелар Фридрих Мерц, изрази благодарност за воената поддршка од Берлин, особено во делот на системите за противвоздушна одбрана.

– Го информирав Мерц за најновите руски напади и нашите пресретнувачки дронови, кои соборуваат десетици „Шахеди“ одеднаш. Ја поздравувам подготвеноста на Германија да помогне во зголемување на производството на дронови,  рече Зеленски.

Тој ја оцени Германија како клучен сојузник во процесот за членство на Украина во ЕУ.

Зеленски се сретна и со финскиот премиер Петери Орпо, кому му се заблагодари за доследната поддршка и учеството на фински компании во форумот за обновување.

Во разговорите со бугарскиот премиер Розен Желјазков, било договорено продлабочување на енергетската соработка, особено во доменот на енергетската безбедност.

Со полскиот премиер Доналд Туск, Зеленски разговараше за безбедносната помош, заеднички воени проекти и учеството на Полска во програмата SAFE, при што ја оцени земјата како „клучен логистички и транзитен центар за меѓународна помош“.

Покрај билатералните средби, Зеленски учествуваше и на состанокот на „Коалицијата на подготвените“, каде присуствуваа претставници од 32 држави и организации, меѓу кои првпат и американски сенатори Линдзи Греам и Ричард Блументал, како и генералот Кит Келог.

– Важно е што форматот на Коалицијата на подготвените функционира – обезбедува долгорочна безбедност и заштита од руските удари, потенцира Зеленски. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата